Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Европската унија е доволно силна да реагира на какви било царини наметнати од САД, но рече дека целта треба да биде соработката меѓу трговските партнери.
„Јасно е дека како силна економска област можеме да ја обликуваме сопствената иднина и да реагираме на тарифните политики... Но, перспективата и целта треба да бидат работите да резултираат со соработка“, изјави Шолц за новинарите по пристигнувањето на неформалниот состанок на ЕУ лидерите во Брисел, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека наскоро ќе воведе царини за стоки увезени во САД од ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска дека Европа ќе мора да се погрижи другите да ја почитуваат ако се загрозени нејзините економски интереси, пренесоа француските медиуми.
„Ако нашите трговски интереси бидат нападнати, како сила која држи до своето реноме Европа ќе мора да се погрижи другите да ја почитуваат и затоа да реагира“, рече тој по пристигнувањето во Брисел.
Денеска во Брисел се одржува неформален состанок на лидерите на ЕУ, на кој фокусот ќе биде ставен на европската одбрана и зајакнување на одбранбените капацитети.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека наскоро ќе воведе царини за стоките увезени во САД од Европската унија и не ја исклучи таквата мерка против Обединетото Кралство.
САД од 1 февруари воведе повисоки тарифи за Канада, Мексико и Кина.