Шпанската влада објави дека апсолутно ги отфрла изјавите на израелската влада во врска со анексијата на Западниот Брег.
Во соопштение, шпанското Министерство за надворешни работи наведува дека ги отфрлаат изјавите на екстремно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, дека 2025 година ќе биде година на анексија на окупираниот Западен Брег.
Од министерството потсетија на одлуката на Меѓународниот суд на правдата дека израелската окупација на палестинските територии е незаконска и треба да биде прекината што е можно поскоро.
Беше нагласено дека изјавите за кои станува збор се целосно спротивни на меѓународното право, го комплицираат решението за две држави и претставуваат пречка за мирот.
Шпанската влада излезе со став дека изјавите на израелскиот министер Смотрич се провокативни и го спречуваат неопходното намалување на регионалните тензии.
Крајнодесничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, изјави во понеделникот дека му наредил на израелскиот Оддел за населување и цивилна администрација да иницираат основање за инфраструктура за „спроведување на суверенитетот“ на Западниот Брег.
„Бевме на работ на примена на суверенитет над населбите во Јудеја и Самарија (Западниот брег) пред администрацијата на Бајден. Сега е време да се дејствува“, изјави Смотрич.
Во 2020 година, Нетанјаху планираше да ги анектира илегалните еврејски населби на Западниот Брег и долината на Јордан, врз основа на таканаречениот мировен план за Блискиот Исток што го објави Трамп во јануари истата година.
Териториите кои Нетанјаху планираше да ги припои во тоа време сочинуваат околу 30 отсто од Западниот Брег. Неговиот план, сепак, не беше лансиран поради меѓународниот притисок и немањето одобрение од официјален Вашингтон.
Меѓународното право ги смета и Западниот Брег и Источен Ал-Кудс/Ерусалим за „окупирани територии“ и ги смета сите активности за изградба на еврејски населби таму за нелегални.