Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека неговата земја нема толку интензивни пријателски и семејни односи како што е случајот со Република Туркије.
За време на повеќедневната посета на Туркије, Штајнмаер денеска се сретна со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, а по средбата пред новинарите изјави дека Германија и Туркије имаат односи засновани на долга и богата историја и дека е важно за него да ја посети Анкара по повод 100-годишнината од основањето на Република Туркије.
Тој рече дека германско-турските односи не завршуваат само со државна соработка, туку дека важна улога играат и врските меѓу народите на двете земји.
„Со ниту една друга земја во светот Германија нема толку интензивни пријателски и семејни односи“, посочи Штајнмаер и потсети дека околу три милиони Турци дошле на работа во Германија по потпишувањето на соодветниот договор од 1961 година.
Понатаму Штајнмаер рече дека двете земји треба да продолжат со размена на информации и мислења за случувањата во НАТО, групата Г20, а особено за случувањата на Блискиот Исток.
„Како две земји, ние сме незаменливи една за друга, си требаме“, рече Штајнмаер.
Осврнувајќи се на последните случувања во Газа, Штајнмаер рече дека е неопходно да се подобри хуманитарната ситуација во блокираната енклава и да се спречи ширењето на војната во регионот.
„Без политичка перспектива за Палестинците не може да се постигне ниту безбедност за Израел. Оваа политичка перспектива може да биде само решение со две држави, мора повторно да преземеме чекори во таа насока“, рече Штајнмаер.