Новиот шведски премиер ја повтори својата посветеност на Меморандумот потпишан меѓу Шведска, Финска и Туркије за пристапување на нордиските земји во НАТО.
„Ние сме многу посветени на договорот меѓу Шведска, Финска и Туркије, и правиме сѐ што можеме што поскоро да ги исполниме сите обврски од него“, рече Улф Кристерсон на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Борбата против тероризмот е од фундаментална важност“, рече Кристерсон, и додаде: „Сега имплементираме ново законодавство и тоа ќе значи многу за нашите можности за исполнување на нашите обврски во рамките на договорите.“
„Договорот е таков каков што е. И ние сме целосно посветени на него, како и претходната Влада. Но сметам дека ние сега имаме повеќе алатки за да докажеме во практика дека го реализираме она што го ветувавме“, истакна тој.
Шведскиот премиер рече дека е спремен да ја посети Анкара. „Ние веќе го испративме тој сигнал до нашите турски пријатели. Разговаравме за погодната временска рамка за таа посета. Така што тоа е во мојот план“, изјави Кристерсон.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече: „Сите се согласуваме за значењето на Меморандумот и потребата да се одговори на легитимната безбедносна загриженост на Туркије.“
Тој ги пофали чекорите што Шведска ги презема за имплементација на Меморандумот, за ставање крај на ограничувањата за продажба на оружје на Туркије, зголемувањето на соработката во борбата против тероризмот и „забраната за учество во терористички организации, вклучително и ПКК. И работењето преку Заедничкиот механизам за имплементација на прашањата како што се екстрадицијата и финансирањето на тероризмот“.
„Ние сме согласни дека мора да бидеме едни покрај други додека се соочуваме со најголемата безбедносна криза во една генерација“, додаде Столтенберг.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во јуни, одлука која беше поттикната од руската војна против Украина.
Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изрази приговор за кандидатурите за членство на двете земји, критикувајќи ги дека толерираат, па дури и дека поддржуваат терористички групи.
Трите земји потпишаа трилатерален Меморандум за разбирање на јунскиот Самит на НАТО во Мадрид, кој опфаќа барање дека Финска и Шведска нема да обезбедат поддршка за ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ниту за терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за државен удар во Туркије во 2016 година.
Финска и Шведска се согласија да ги реализираат испратените барања на Анкара за депортација или екстрадиција.
Турскиот Парламент треба да ги ратификува кандидатурите за членство на земјите, за тие да влезат во НАТО.