Студентка по психологија од Туркије која се пријавила за пракса на Универзитетот во Стокхолм добила шокантен одговор од еден професор во Шведска. Професор од Универзитетот во Стокхолм ја спречил турската студентка да учествува во програмата за стажирање, тврдејќи дека не може да соработува со неа затоа што Туркије го блокира влезот на Шведска во НАТО сојузот.

Фатма Зехра С., студентка по психологија на Универзитетот „Ибн Халдун“ во Истанбул, беше примена во рамки на програмата Еразмус+ за летна пракса за 2023 година, да стажира на европски универзитет по свој избор.

Една од праксите за кои се пријави таа беше на Универзитетот во Стокхолм во Шеведска. Во имејл пораката која ја испратила на 23 ноември во 2022 година Фатма покажала интерес да биде дел од истражувачки проект кој го води професорот Карлбринг.

Неколку часа подоцна Карлбринг одговорил: „Би сакал да ве угостам. Меѓутоа, бидејќи Туркије не и дозволува на Шведска да влезе во НАТО, морам да го одбијам вашето барање. Извинете“.

„Откако го добив овој одговор, бев едноставно шокирана. Ми требаше многу време тоа да го сфатам“, рече Фатма за TRT World.

Финска и Шведска официјално поднесоа барање за приклучување во НАТО во мај минатата година, што е одлука поттикната од руската војна против Украина. Меѓутоа, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изнесе приговори, истакнувајќи дека двете земји толерираат и поддржуваат терористички групи.

Во јуни 2022 година Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум на Самитот на НАТО за да се посветат на безбедносните грижи на Анкара, отворајќи го патот на нивното конечно членство во воената алијанса. Помина седум месеци од потпишувањето на меморандумот, а Шведска уште не ги исполни договорените препораки.

Фридрик Џонсон, шеф на Катедрата за психологија на Универзитетот во Стокхолм, за
TRT World изјави: „Примаме многу апликации од студенти кои се заинтересирани да не посетат како истражувачи. Не сме во можност да ги примиме сите, но очекуваме на секое барање да се одговори на професионален начин. Во овој случај, штом дознавме за проблемот, постапивме и го решивме според нашите правила.“

Професорот Карлбринг не одговори на барањето на TRT World за коментар.

Фатма била доволно решителна да поднесе жалба во врска со случајот.

„Ако мене ова ми го направил, тоа би им го направил и на другите студенти од различно расно потекло кои се пријавуваат на универзитетот“, смета Фатма.

Таа потоа поднела жалба поради дискриминација на универзитетот на 5 декември, опишувајќи го одговорот на професорот како „заснован на политички мотиви“ и „дискриминаторски и потполно расистички“.

„Мешањето на обичниот граѓанин и студент кој сака да ги продолжи своите студии во најдобри можни услови, со политички став на владата на државата од која доаѓа е грозен начин на размислување и судење за нечии вештини и карактер“, напиша Фатма во жалбата.

На 6 декември, таа добила одговор од заменичката на шефот на Одделот за психологија, Торун Линдхолм Ојмир, во кој добила извинување поради инцидентот. Во одговорот е истакнато дека професорот Карлбринг признал дека неговото однесување било непримерно и погрешно и дека „на Катедрата се планирани неколку активни мерки во иднина“, вклучувајќи „обука под еднакви услови и шведски закон за дискриминација“.

Меѓутоа, Фатма смета дека изјавите не се доволни.

„Она што сакав да го преземат се активни мерки во врска со неговото однесување“, рече таа.

„Обуката за дискриминација е во ред, но како може конкретно да се оцени?“, запраша оваа студентка, поставувајќи прашање дали тоа ќе биде доволно ваквите инциденти во иднина повеќе да не се случуваат.

Не добила ниту формално извинување директно од професорот. „Во овој момент се надевам дека ќе ми испрати извинување. Уште не го направи тоа поради што сум разочарана.“

„Сметам дека ова однесување е детско, расистичко и навистина несоодветно. Психички сум силна личност, но други студенти кои имаат несигурност околу пријавувања на различни програми не би можеле едноставно да се опорават од таков одговор.“

И покрај негативното искуство, Фатма вели дека нејзината пријава ја прифатил друг професор на Катедрата за психологија на истиот факултет, како и дека планира да продолжи со стажирање ова лето.

Односите помеѓу Туркије и Шведска и понатаму се доста напнати. Нови докази за организирањето на поддржувачите на терористите на ПКК и ЈПГ во срцето на шведската престолнина Стокхолм се појавија на 12 јануари. Десетици приврзаници на терористите се собраа пред историската зграда на градскиот совет и извикуваа слогани против Туркије. Тие исто така истакнаа кукла во ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган извикувајќи расни навреди и закани со насилство кон Туркије.

Со оглед дека шведската влада не успеала да го спречи делувањето на ПКК/ЈПГ, дозволувајќи им на нивните приврзаници слободно да организираат и спроведуваат бројни антитурски и протерористички демонстрации во земјата, официјална Анкара одбива да попушти на таквите провокации и продолжува поради тоа да инсистира на забрана на влез во НАТО на земја која не презема мерки против тероризмот.

Среде ова токсична средина, турските државјани во Шведска се чувствуваат ранливи на нападите на ПКК/ЈПГ. Според турскиот амбасадор во Шведска Хаки Емре Јунт, турската дипломатска мисија е нападната неколку пати во Стокхолм и секој ден приврзаниците на ПКК/ЈПГ се охрабруваат да покренат се повеќе насилство врз турскиот имот и државјаните кои живеат во оваа скандинавска земја.

Случајот со студентката Фатма Зехра С. е само уште еден во низата примери на растечка нетолеранција која Шведска ја покажува кон Туркије.

TRT World
Популарни