Туркије има право да се заштити од терористички напади, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон

Туркије има право да се заштити од терористички напади, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон. Како одговор на прашање во Риксдагот, шведскиот Парламент, од портпаролката на Партијата на зелените, Марта Стеневи, Кристерсон рече дека мора да се признае дека Туркије е земја подложена на терористички напади и дека поради тоа има право да се заштити од тероризмот.

Кристерсон нагласи дека остатокот од светот треба да признае дека терористичките напади што ја погодија Туркије се исто толку лоши за Туркије колку што се лоши и терористичките напади што ги погодија другите земји.

Тој истакна дека Шведска не треба да биде место каде што луѓето, кои на различни начини учествуваат и финансираат тероризам или активности поврзани со тероризмот, наоѓаат безбедно засолниште токму затоа што нивните активности не се насочени кон Шведска, туку кон Туркије.

Во неделата, Туркије ја започна антитерористичката операција „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК, која има засолништа близу ирачко-турската и сириско-турската граница, каде што планира напади на турска територија.

Воздушната операција уследи по терористичкиот напад на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.

Турските власти нагласија дека операцијата е во согласност со меѓународното право и правото на земјата за самоодбрана, според резолуциите на Обединетите нации (ОН).

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е на листата на терористички организации во Туркије, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.

AA
Популарни