Употребата на секое оружје, дури и со оваа големина, секогаш ќе претставува ризик во густо населена област, ​​рече екпертот Коб- Смит / Photo: AA

Американско оружје било употребено во израелскиот напад врз кампот за раселени лица во Рафах во неделата, според анализата на Си-Ен-Ен на видеото од местото на нападот од екперти за експлозивното оружје.

Најмалку 45 лица загинаа, а повеќе од 200 се повредени во пожар што избувна по нападот на израелската армија на периферијата на најјужниот град Газа, во кој имало претежно жени и деца, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Си-Ен-Ен лоцираше видео снимки на кои се гледаат запалени шатори по нападот врз кампот за внатрешно раселени лица познат како Камп за мир Кувајт 1.

Видео споделено на социјалните мрежи, кое американската телевизија го идентификуваше како иста локација со споредување на детали, вклучително и знак на влезот во кампот и плочки на земја, ја покажува опашката на американската бомба со мал дијаметар ГБУ-39 (СДБ), според на четворица експерти за експлозиви кои го прегледаа видеото.

„ГБУ-39 е бомба произведена од Боинг и е оружје со висока прецизност дизајнирано да напаѓа стратешки важни точки и цели и да резултира со мала колатерална штета“, изјави експертот за експлозивно оружје Крис Коб- Смит за американската телевизија.

Сепак, „употребата на секое оружје, дури и со оваа големина, секогаш ќе претставува ризик во густо населена област“, ​​рече Коб- Смит, кој исто така е поранешен офицер на британската армија.

Тревор Бол, поранешен член на тимот за отстранување експлозивни направи на американската армија, кој исто така го идентификуваше фрагментот како дел од ГБУ-39, објасни за Си-Ен-Ен како дошол до својот заклучок.

„Делот за боевата глава од оружјето е уникатен, а делот за водење и крилата се исклучително уникатни во споредба со другите оружја. Водечките делови и крилата на оружјето често остануваат дури и по детонирањето на оружјето. Го видов делот од опашката и веднаш знаев дека тоа е една од варијантите СДБ/ГБУ-39“, рече тој.

Сериските броеви на остатоците исто така се совпаѓаат со оние на производителот на делови од ГБУ-39 со седиште во Калифорнија, што обезбедува дополнителни докази дека бомбите биле произведени во САД.

На вчерашниот брифинг запрашана за оружјето употребено во нападот на Рафах, заменик-порпаролката на Пентагон Сабрина Синг на новинарите им рече дека не знае какво оружје било употребено во тој воздушен напад.

„Морам да ве упатам кај Израелците за да разговарате за тоа“, рече таа.

TRT Balkan / агенции
Популарни