Унгарскиот министер за надворешни работи Пeтер Сијарто кој престојува во посета на Туркије денеска ја истака поседничката улога на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган меѓу завојуваните страни во Украина.
„Единствен успешен обид за посредување беше договорот за жито што го потпиша Туркије, лично претседателот Ердоган. Договорот за жито е единствениот важен договор што завојуваните страни го постигнаа од избувнувањето на војната. Затоа сметаме дека Туркије треба да игра главна улога во наредниот период, кога ќе се создадат услови за мировни преговори”, изјави Сијарто кој е во Туркије по повод отворањето на новата унгарска инвестиција „Медикор Медикала“.
На прашањето за ставот на Унгарија околу нератификувањето на членството на Шведска во НАТО, Сијарто рече дека овој процес на одобрување е во рацете на Парламентот и дека Владата го известила Парламентот за своите позитивни ставови.
„Шведските власти последните години постојано ја понижуваа Унгарија и унгарскиот народ, го критикуваа и ја доведуваа во прашање демократијата на нашиот политички систем. Шведска нè обвини дека не се придржуваме до заедничките европски вредности, дека ги кршиме демократските стандарди, дека ја доведуваме во прашање зрелоста на унгарскиот народ самиот да одлучува за својата иднина. Го доведоа во прашање легитимитетот на нашиот избор, а со тоа и на Парламентот. Поради тоа, лицата кои водат сопствена предизборна кампања не разбираат како надворешен фактор може да ја доведе во прашање легитимноста на парламентарните избори“, рече Сијарто.
На прашањето во врска со процесот за членство на Туркије во Европската Унија, Сијарто потсети дека во моментов за тоа прашање не постои консензус во ЕУ.
„Бидејќи некои земји не се доволно храбри отворено да ги кажат своите ставови лице в лице, тие го зборуваат тоа зад затворени врати. Некои земји се сериозно против забрзувањето на процесот за прием на Туркије. Под тие околности, ние како Унгарија сакаме да воспоставиме најдобра соработка меѓу ЕУ и Туркије“, порача Сијарто.
Сијарто се осврна и на турскиот електричен автомобил ТОГГ. Според него фактот дека Туркије може да произведе сопствен автомобил покажува колку се развила турската економија
„Свесни сме какви напори се потребни за да се дојде до точката во која е Туркије. Од таа причина, турскиот народ со право може да се гордее со себе“, изјави Сијарто и додаде дека се разгледува излегувањето на ТОГГ на унгарскиот пазар.
Сијарто му посака успех на турскиот претседател Ердоган на претстојните избори.