Сиријците болни од рак закрепнуваат со помош на Туркије / Photo: AA

Лицата болни од рак, кои се наоѓаат во зоните што беа исчистени од терористи преку операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, имаат можност да се лекуваат во одделите за онкологија во болниците што со координација на турското Министерство за здравство се изградени во Баб, Џерабулус и Африн.

Моментно во регионот 271 пациент се подложени на третман со хемотерапија, од кои 176 во болницата во Ал-Баб, 45 во болницата во Џерабулус и 50 пациенти во болницата во Африн.

Исто така, во моментов 460 пациенти болни од рак се лекуваат во одделите за онкологија што ги користат цивилите во болниците во Сирија.

Во овие рамки, еден специјалист по онкологија од Туркије еднаш неделно дава поликлинички услуги во болницата во Ал-Баб во Сирија.

Пациентите со рак, за чија болест се потребни напредни техники на лекување, упатени се во Туркије од страна на лекарите специјалисти.

Од друга страна, цивилите во Идлиб, кој се наоѓа во северниот дел на Сирија, каде што сириската војска и нејзините поддржувачи ги таргетираат здравствените инфраструктури, се соочуваат со проблеми од недостиг на можности за лекување и за снабдување со лекови.

Во земјата каде што над 12 години продолжува граѓанската војна, голем број пациенти болни од рак се погодени од тоа што постојат недостатоци во здравствениот систем.

Поради тоа, дел од пациентите болни од рак, кои живеат во зоните што се под контрола на режимот во Сирија, се сместуваат во Идлиб за потоа да одат на лекување во Туркије.

До 6 февруари кога се случија земјотресите со епицентар во Кахраманмараш, на итните случаи и на пациентите болни од рак им беше овозможено лекување во Туркије, но поради штетите предизвикани од земјотресот во Хатај намален е трансферот на пациенти.

Но процесот повторно беше нормализиран и почна да се координира трансферот на пациенти, со цел да го продолжат лекувањето во Адана и во Мерсин за да им се олесни страдањето на болните од рак во Идлиб.

AA
Популарни