Сиријците, кои нашле засолниште во Турција за време на граѓанската војна, се враќаат во својата татковина по падот на режимот на Башар ал Асад и крајот на конфликтот.
Со падот на режимот на партијата Баас и Асад по 61 година владеење во Сирија и крајот на војната која започна во 2011 година, Сиријците кои избегаа од земјата почнаа да се враќаат во своите домови, а познато е дека најголемиот број од овие Сиријци беа згрижени во соседна Туркије.
Илјадници Сиријци, меѓу кои и жени, деца и стари лица, ја минуваат границата од турскиот пограничен град Килис и се враќаат во Сирија.
Еден од нив е 16-годишниот Мухамед Алдаки, кој изрази благодарност до Република Туркије и нејзиниот народ за нивната добрина и дарежливост во грижата за неговото семејство и за милиони Сиријци кои мораа да ги напуштат своите домови поради војната.
„Имав две години кога дојдов во Туркије. Господ нека ја награди Туркије што ни ги отвори вратите. Се враќам во мојата земја и таму ќе работам како градежник или месар, што се двата занаети што ги научив во Туркије“, рече Алдаки.
Тој беше придружуван од неговиот врсник Мухамед Екласим, кој пристигна во Туркије пред две години.
„Војната заврши, Асад си замина, јас се враќам во мојата земја. Голема благодарност до Туркије“, рече Екласим.
Во Сирија се врати и единаесетгодишниот Махмут Зен со семејството, а со себе ја донел и својата мачка.
„Војната заврши. Ја носам и мојата мачка во Сирија, која многу ја сакам“, истакна Зен.
На граничните премини Туркије има формирано и Центар за враќање каде Сиријците го пријавуваат своето враќање, а има и тимови од турската фондација Дијанет, Турската Црвена полумесечина, Здружението Бесир и други хуманитарни организации кои им пружаат помош на овие Сиријци и ги обезбедуваат со топли оброци и основни потреби за патувањето.