Египетскиот претседател Абделфатах ал Сиси денес изјави дека неговата земја нема да учествува во никакво принудно раселување на Палестинците, нарекувајќи го тоа „чин на неправда во кој не може да бидеме дел“.
На заедничката прес-конференција во Каиро со кенискиот претседател Вилијам Руто, Сиси го повтори цврстиот став на Египет за палестинската кауза.
„Не може да се преговара за историските принципи на ставот на Египет за Палестина“, рече Ал Сиси, нагласувајќи ја посветеноста на Египет на дводржавното решение.
„Националната безбедност на Египет не може да биде загрозена. Решени сме да работиме со претседателот [Доналд] Трамп за да постигнеме мировно решение засновано врз дводржавно решение“, додаде тој.
Овој викенд Трамп повика да се „исчисти“ Газа и Палестинците да се преселат во Египет и Јордан, опишувајќи ја енклавата како „место на разурнатост“ по геноцидната војна на Израел.
Каиро и Аман, сепак, жестоко го отфрлија секој повик за раселување или преселување на Палестинците од нивната земја.
Предлогот на Трамп дојде откако стапи на сила договорот за прекин на огнот во Газа на 19 јануари, со кој беше прекината израелската војна во која од 7 октомври 2023 година се убиени над 47.400 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се повеќе од 111.000.