Најмалку седум лица загинаа во сојузините држави Џорџија и Алабама во силните бури и торнада што го зафатија југот на Соединетите Американски Држави (САД). Во големото торнадо во Алабама беа уништени голем број домови, а силните ветришта превртуваа автомобили на патиштата.
Властите соопштија дека појасна слика за обемот на штетите и потрагата по евентуални дополнителни жртви ќе има во петок, кога се очекува да се расчистат временските услови. Откако невремето почна да се намалува во четвртокот навечер, десетици илјади луѓе останаа без струја низ двете држави.
Во Селма, град врежан во историјата на движењето за граѓански права, градскиот совет користеше светла од мобилните телефони додека одржуваа состанок на тротоарот за да прогласат вонредна состојба.
Шест од смртните случаи се регистрирани во округот Аутауга, Алабама, 66 километри североисточно од Селма, каде што се проценува дека 40 домови биле оштетени или уништени од торнадото.
Најмалку 12 лица се повредени доволно сериозно за да бидат однесени во болниците од страна на итните служби. Екипите за спасување биле фокусирани во четвртокот вечерта на пробивање низ соборените дрвја за да бараат луѓе на кои можеби им треба помош.
„Ова е најлошото што сум го видел овде во оваа област“, рече Ерни Багет, директор за управување со итни случаи на округот.
Во Џорџија, патник загинал кога дрво паднало врз возило, изјави лекарката Лејси Пру од округот Батс. Во истиот округ југоисточно од Атланта, невремето исфрли товарен воз од шините, изјавија официјални лица.
Официјални лица во Грифин, јужно од Атланта, изјавија за локалните медиуми дека повеќе луѓе биле заробени во станбен комплекс откако дрвја паднале врз него. Градот воведе полициски час од 22 часот во четврток до 6 часот наутро во петок.
На национално ниво, имаше 33 одделни извештаи за торнада од Националната метеоролошка служба во четвртокот, а Мисисипи, Алабама, Џорџија, Тенеси, Кентаки, Јужна Каролина и Северна Каролина сите издадоа предупредувања за торнада. Извештаите за торнадо сè уште не се потврдени, а некои од нив подоцна може да се класифицираат како силен ветар, откако ќе се направат проценки во наредните денови.
Торнадото што ја погоди Селма помина низ централното градско подрачје, каде што се урнаа згради, откорнати се дабови дрвја, автомобилите беа превртени, а далноводите беа оштетени.
Градоначалникот на Селма, Џејмс Перкинс, рече дека нема пријавени жртви, но неколку луѓе се сериозно повредени.
„Имаме многу урнати далноводи“, рече тој. „Има многу опасност на улиците“.