Вкупно 31,9 милиони тони жито и прехранбени производи се извезени во рамките на Иницијативата за транспорт на жито преку Црно Море од нејзината имплементација во јули минатата година.
Податоците, објавени од Канцеларијата за информации при Обединетите нации (ОН) во Женева, вклучуваат 625.169 тони жито транспортирани со бродови најмени од страна на Светската програма за храна за поддршка на нејзините хуманитарни операции во Авганистан, Етиопија, Кенија, Сомалија, Судан и Јемен.
Во 2022 година Украина обезбеди над половина од светските набавки на пченица, како што беше случај во 2021 година, соопштено е од Канцеларијата.
Се додава дека количините храна извезена преку Иницијативата во мај се најмали од почетокот на нејзиното имплементирање и „многу под побарувачката и извозниот капацитет на Украина“.
Истакнувајќи дека во Договорот се предвидува и извоз на вештачко ѓубриво, меѓу кое и амонијак, се нагласува и дека таков извоз досега не е извршен.
„Извозот на амонијак во рамките на Иницијативата може да започне доколку се рестартира цевководот за амонијак што води од Руската Федерација до украинското пристаниште Јужни/Пивденњи, чие функционирање е стопирано поради конфликтот“, се наведува во извештајот.
Туркије, ОН, Русија и Украина во јули минатата година во Истанбул потпишаа Договор за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црно Море, кој беше запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран и Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораката.