Семејството на Калед Сабри преку краудфандинг успеа да собере пари и да се извлече од Газа и да замине во Египет

Калед Мухамед, 31-годишен Палестинец од Кан Јунис, е еден од многуте Палестинци кои донесоа болна одлука да ја напуштат Газа и да бараат засолниште во Египет среде геноцидната војна на Израел врз опколената енклава.

Но евакуацијата не е ниту лесна, ниту достапна.

За Палестинците да обезбедат неофицијални дозволи за минување преку граничниот премин Рафах - единствената точка на премин надвор од окупираните територии, се исплаќаат големи суми пари на таканаречените „патни посредници“.

Во случајот на Калед, бараната такса беше 5.000 долари по лице, невозможна сума да се договори со неговиот скуден приход како сликар во Газа.

Единствениот хранител кој издржува петчлено семејство- сопругата Амира Сабри и нивните три мали деца Ела (4), Амир (5) и едногодишниот Илан, Калед мораше да се сврти кон групно финансирање или краудфандинг.

Но неговите првични обиди беа дочекани со сомнеж.

Италијанката Вирџинија Санто вели дека Калед ја контактирал на Инстаграм барајќи нејзина помош за собирање средства. Но на почетокот таа „помислила дека е измамник“.

„Не го познавав, не му верував. Немав доказ кој е тој. Неговиот профил на Инстаграм беше празен, со многу малку фотографии, ништо за него и ништо пред 7-ми октомври“, изјави Вирџинија за ТРТ Ворлд.

Со текот на времето, тие двајца почнаа почесто да комуницираат, да одржуваат видео повици со палестинската пријателка на Вирџинија, Рола, која преведуваше од арапски и италијански и почнаа да работат заедно за да ги соберат потребните средства.

„Ја испраќав неговата кампања GoFundMe на секој профил на кој има многу следбеници, барајќи да ја објават и објаснувајќи ја итноста за евакуација на Калед, Амира и нивните деца од бомбите“, вели Вирџинија.

„Бев во контакт со него секој ден и мојата единствена цел беше да ја достигнам целта на неговата кампања GoFundMe“.

Во април, семејството на Калед избега од Газа и се пресели во Каиро, Египет, каде што сега живеат.

Но безброј други палестински семејства се борат да соберат пари на платформи за групно финансирање додека продолжуваат да избегнуваат бомби и куршуми во Газа, каде Израел уби речиси 38.000 луѓе од октомври минатата година.

Од сите веб-страници за кампањи за групно финансирање, GoFundMe стана најкористената платформа за собирање средства за палестинските семејства и неодамна забележа голем пораст на собраните пари.

Кампањите често се покренуваат не само за да се финансираат евакуации, туку и да се финансира пристапот до витална хуманитарна помош во Газа, како што се лекови и храна.

Оваа форма на помош стана особено поважна откако земјите почнаа да го намалуваат финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) по израелските наводи дека персоналот на агенцијата бил вклучен во нападот на палестинската група на отпор Хамас на 7 октомври.

Сепак, многу веб-страници за групно финансирање имаат физички и дигитални ограничувања. GoFundMe, на пример, е достапен само во 19 земји и исклучува цели континенти како Азија, Африка и Јужна Америка.

Ова ги принудува Палестинците да се потпрат на помошта од семејството, пријателите или активистите во странство не само да ја креираат кампањата туку и да управуваат со нејзините донации.

„Палестинците се принудени да се потпираат на луѓето кои живеат во странство, а кои некогаш ги запознале само преку Интернет“, изјави за ТРТ Ворлд Франческа Саломоне, 22-годишна жена од Рим.

„Последицата е тоа што, уште еднаш, на Палестинците не им се дава независност, ниту за нивниот опстанок“, вели Саломоне, додавајќи дека таа направила три кампањи од Италија за поддршка на палестинските семејства.

Создавањето кампања, исто така, не е лесно за оние во странство, откако западните влади воведоа санкции за палестинската група Хамас, барајќи од веб-страниците за групно финансирање да побараат „дополнителни информации“ за причините.

„Ви благодариме за вашите напори да им помогнете на погодените од кризата што се развива на Блискиот Исток. Поради неодамнешните случувања во регионот, ние внимателно ги разгледуваме собирачите на средства поврзани со оваа криза“, обично се вели во автоматизираната е-пошта испратена до донаторите.

„Процесот за верификација на кампањата е долг и досаден, но неопходен“, изјави таа за ТРТ Ворлд. „Во повеќе наврати ми беше побарано да дадам информации преку е-пошта и да подигнам некои документи користејќи безбедна врска.

Дополнителна бирократија

Во еден случај Саломоне се придружила на Коди, жена од Њујорк во кампањата што ја создаде за семејството Ал Бардини во Деир Ал Балах.

„Имавме многу проблеми. Тимот за усогласеност од GoFundMe постојано бараше дополнителни информации без да ни даде шанса да им ги испратиме. Тие ги игнорираа нашите е-пошта неколку дена, па дури и ни дадоа истечен линк за да поставиме лична карта на член на семејството“.

„Ситуацијата на семејството е комплицирана бидејќи Ремас, најмладата во семејкството, е парализирана и има потреба од постојана грижа и скапи лекови. И покрај тоа, нејзиниот брат Ахмад секогаш им помага на другите раселени луѓе и членовите на неговото пошироко семејство“.

Иако ова беше прво собирање средства на Саломоне, таа вели дека не е сигурна дали кампањата за другите делови на светот е поинаква.

„Но она што Коди и јас го забележавме е дека добивме сосема различни третмани кога креиравме кампања од Италија во однос на таа во САД“, вели таа.

Всушност, многу луѓе кои воделе GoFundMe кампањи за други причини, изјавија за Верџ дека никогаш не се сретнале со „оваа дополнителна бирократија“ во нивните други кампањи ширум светот.

Некои, исто така, тврдеа дека додека нивните прибирање средства беа ставени под преглед од GoFundMe, кампањите продолжија да бидат отворени за донации, и покрај тоа што платформата вообичаено ја исклучува оваа функција.

Професорот Арон Мартин од Универзитетот во Вирџинија, експерт за хуманитарни организации и технолошка политика, изјави за Верџ дека „GoFundMe најверојатно ги пребарува имињата на „списоците на санкционирани поединци и групи“ на владините листи.

Но тој предупреди дека овие списоци често се нецелосни и неточни. И севкупно, овие дополнителни и збунувачки процеси ги забавија напорите за итна помош и ги одложија донаторите.

Следна пречка: примање помош

Ако парите се собрани на платформите, тогаш тоа е уште една пречка во обидот да се префрлат на Палестинците на кои им е потребна, бидејќи многу банкарски системи и компании не обезбедуваат услуги на луѓето во Газа или окупираниот Западен Брег.

Нура Нипоте, 42-годишна Канаѓанка која активно ја подига свеста за состојбата во Газа и собира пари за Палестинците за ТРТ Ворлд изјави дека тие најмногу користат ПејПал за трансферите.

„Често користиме ПејПал за кратки кампањи за собирања на средства со подостижни цели и за собирање помалку пари. На пример, „500 евра за X галони вода во тоа и тоа село“, вели таа.

„Значи, стигнавме до целта. Затворете го собирањето средства и преминете на следната цел. ПејПал е поставен на таков начин што ги прави овие „флеш“ собирања на средства лесни да се постават и заклучат“, додава таа.

Сепак, самиот ПејПал има ограничувања, а во 2021 година беше обвинет за одложување на плаќањата што вклучуваа фрази како „Палестински фонд за итна помош“ и „Итен фонд за помош на Палестина“.

Неодамна, Њу Араб информираше за зголемени прекини во собирањето на средства за Газа „од мрежи на израелски тролови“ и „тешка модерација од ПејПал“.

Во еден случај, неколку организатори водеа кампања за да му помогнат на својот пријател во Газа да се евакуира во Египет. Одеднаш, тие добија мноштво донации од израелски локации кои беа нагло откажани.

Шенон изјави за Њу Араб дека верува оти нејзината страница била „нападната од про-израелски тролови кои се обидувале да ја замрзнат нејзината сметка на Страјп пријавувајќи ги нивните трансакции“.

„Или можеби тие само се обидуваа да се зафркаваат со нас и нашите емоции бидејќи, кај многу краудфандинг платформи донациите се ослободуваат на учесниците во кампањата само штом ќе се постигне нивната цел. Значи, можно е да сакаа да си поиграат со нашите надежи“, вели таа.

Организаторите како Нипоте, ќерка на палестинско-италијанска мајка и татко Египќанец, и нејзините пријатели продолжуваат да се обидуваат да ги надминат овие пречки, дури и со префрлање на нови платформи, како што е GoGetFunding, бидејќи е отворена за други земји.

Сепак, предизвиците во прибирањето средства продолжуваат.

Во меѓувреме, додека Калед и неговото семејство се обидуваат да се навикнат на новиот живот во Египет, тој размислува за својата 72-годишна мајка и 67-годишниот татко, кои остануваат во Газа.

„Пред да го напуштам шаторот во кој живеевме, се поздравив со целото мое семејство и се поздравив со соседите во шаторите околу нас“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

„Кога првпат излегов од кампот, искрено се изнаплакав. Разделбата е тешка. Господ да не собере наскоро. ”

TRT World
Популарни