Сомалиската војска постигна значителен напредок во операциите што веќе пет месеци ги спроведува против терористичката организација Ал Шабаб, и успеа под своја контрола да стави десетици градови, населени места и села.
Во операциите се освоени десетици населени места во регионите Хиран, Среден Шабел, Беј и Галгадуд, а досега се убиени над 2.000 милитанти.
Претседателот Хасан Шеик Махмуд, кој започна сеопфатна воена, политичка и економска борба против Ал Шабаб по реизборот во мај 2022 година, вети дека ќе ја извлече земјата од мочуриштето на тероризмот.
По воените операции што ги започнаа сомалиските безбедносни сили со поддршка од воздух, терористичката организација изврши крвави напади во многу градови, вклучувајќи го и главниот град Могадишу.
Операциите продолжуваат без прекин и покрај заканите и нападите од Ал Шабаб.
Локалните трупи остануваат стационирани во освоените подрачја, а војската би требало да ја преземе контролата во сите подрачја под контрола на преодната мисија на Африканската унија во Сомалија (ATMIS) до крајот на следната година.
Хиран целосно исчистен од терористите
Операциите во Хиран, еден од административните окрузи на покраината Хиршабел, резултираа со преземање на контролата врз целиот регион. Беледвејн е еден од градовите каде што се водени најжестоките судири.
Контролата е преземена во над 20 градови и населени места во Хиран, меѓу кои се и Булобурде, Џалалакси, Елали, Матабан, Бук-акабл, Махаас, Јасуман, Буко, Мукајле и Мококори.
Портпаролот на сомалиското Министерство за одбрана, Абдулахи Али Анод, за Агенција Анадолија изјави дека комплетниот провинциски центар Хиршабел е исчистен од терористи и дека припадниците на организацијата изведувале напади криејќи се по полињата.
Од друга страна, во Среден Шабел, друг административен регион во провинцијата Хиршабел, каде што владините сили постигнаа голем успех, е преземена контролата над големите градови како Алковсар, Бал-ад, Адал, Аден Јабал, Махададај и Рун-ниргуд.
Во провинцијата Галмудуг освоени се населените места Кајиб, Думудл, Када Кибир, Сина Дака, Лаби-дуле, Вабксо, Масагавејн и Сил Гороф, додека 10 градови и места во регионот Беј се исто така под контрола на националната војска.
Во тек подготовките за операцијата во Џубаленд
Терористичката организација сè уште држи одредени подрачја во Галмудуг, Џубаленд и југозападните сојузни држави.
Подготовките за операцијата од големи размери продолжуваат во Џубаленд, познат како една од базите на Ал Шабаб. Големите градови во Џубаленд како Џилиб, Буале, Дуџума и Саков сѐ уште се под контрола на терористичката организација.
Ал Шабаб се обидува да ја собори Владата формирана во Могадишу од средината на 2000-тите години.
Организацијата одвреме-навреме организира терористички напади и во соседна Кенија.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), 613 цивили се убиени, а 948 се ранети во нападите на терористите на Ал Шабаб во периодот од јануари до ноември минатата година.