Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека на 5 мај во Истанбул е планирана средба на заменик-министрите за одбрана на Туркије, Русија и Украина, во врска со договорот за транспорт на жито.
Во јули минатата година, Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, што беше суспендиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар за надгледување на пратките на претставници од трите земји и ОН.
Акар одговараше на прашањата во врска со „коридорот за жито“ воспоставен со напорите на Туркије да го елиминира ризикот од „кризата со храна“ поради руско-украинската војна.
Договорот беше продолжен на иницијатива на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а Акар рече дека имал билатерална средба со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, во рамки на состанокот што во Москва го одржаа министрите за одбрана на Туркије, Русија, Сирија и Иран и шефовите на разузнавачките служби.
Потсети дека на 18 април во Кајсери се сретнал со украинскиот министер за инфраструктура Олександар Кубраков.
„Разговаравме и за иницијативата за жито. Во тој контекст, како резултат на прифаќањето на нашиот предлог од двете страни, планирано е во петок во Истанбул да се сретнат заменик-министрите за одбрана на Туркије, Украина и Русија. На состанокот ќе се разговара за одредени прашања, особено за иницијативата за жито“, рече Акар.
Тој изрази надеж дека договорот ќе биде продолжен без пречки.
„Бидејќи овој договор е многу важен за земјите на кои им е потребен, како и за регионалниот мир и стабилност. Желба ни е оваа иницијатива да ја продолжиме без никакви проблеми“, додаде Акар.