Двајца советници на американскиот претседател Џо Бајден ќе го посетат Израел оваа недела за да разговараат за завршување на конфликтот со Хезболах и постигнување договор.
Специјалниот координатор на Бајден за глобална инфраструктура и енергетска безбедност Амос Хохштајн и координаторот на Советот за национална безбедност на Белата куќа за Блискиот Исток и Северна Африка Брет Мекгурк утре ќе пристигнат во Израел, објави израелскиот портал „Вала“.
Се вели дека Хохштајн и Мекгурк разговарале со администрацијата на Тел Авив за напорите за постигнување договор со кој ќе се стави крај на конфликтот меѓу Израел и Хезболах и ќе им се овозможи на раселените лица од двете страни на границата да се вратат во своите домови.
Функционери кои сакаат да останат анонимни тврдат дека договорот за ставање крај на конфликтот меѓу Израел и Хезболах може да се постигне во рок од неколку недели.
Како дел од договорот меѓу Хезболах и Израел се очекува да започне преоден рок од 60 дена. Во овој преоден период, од Хезболах се бара да го премести своето тешко оружје во јужен Либан северно од реката Литани, односно подалеку од израелската граница.
Покрај тоа, либанската армија планира да распореди 8.000 војници на израелската граница, а израелските војници кои по копно го окупираат јужниот дел на Либан постепено ќе се повлекуваат од регионот.
Доколку овие чекори се преземат во текот на 60-дневниот преоден период, ќе биде прогласен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера се сретна со министри и високи воени претставници на разговори околу начините за изнаоѓање дипломатско решение за конфликтот со Хезболах во Либан.
Израелската војска на 30 септември објави дека започнала ограничени и интензивни копнени напади против инфраструктурата на Хезболах во јужен Либан.
Неименуван израелски функционер во разговор за локалните медиуми тврди дека копнените напади на израелската армија врз Либан доаѓаат до крајот и дека израелската армија би можела да ги заврши копнените напади врз Либан во рок од една до две недели.