Спортскиот свет изразува солидарност со Туркије по разорните земјотреси / Photo: AA

Спортските организации, лигите, клубовите и играчите испратија пораки на солидарност до Туркије по разорните земјотреси што вчера го погодија јужниот регион на земјата.

Управното тело на европскиот фудбал УЕФА и Кошаркарската Евролига изразија сочувство на социјалната мрежа Твитер.

„Мислите на УЕФА и европската фудбалска заедница се со народот на Туркије и Сирија и со сите оние кои се погодени од разорниот земјотрес“, објави УЕФА.

Евролига изрази сочувство наведувајќи: „Нашите мисли се со сите кои се погодени од земјотресот во Туркије“.

Италијанската Серија А, германската Бундеслига и француската Лига 1 исто така изразија сочувство преку своите Твитер профили.

Реал Мадрид и Барселона изразија сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот. Играчот за врска на Реал Мадрид Лука Модриќ исто така на Твитер објави молитвен емотикон за Туркије и Сирија.

Зборови на сочувство и солидарност упати и Баерн Минхен. И францускиот клуб Париз Сен-Жермен упати сочувство до турскиот народ. Сочувство посебно изрази и шпанскиот дефанзивец Серхио Рамос.

„Сета моја љубов е кон Туркије и Сирија. Нашите мисли се со вас“, објави Рамос.

Сочувство и солидарност упатија и Ливерпул и Мохамед Салах.

„Ужасни вести стигнуваат од Сирија и Туркије. Мое сочувство поради загубените животи и на сите повредени им посакувам брзо опоравување“, напиша Салах.

Свое сочувство до народот на Туркије и Сирија изрази и фудбалскиот клуб Манчестер Сити.

Турскиот министер за млади и спорт Мехмет Касапоглу рече дека сите национални спортски активности во земјата се суспендирани на неодредено време.

Поради земјотресите во Туркије прогласена е седумдневна жалост.

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган рече дека земјата ја погодила најголемата катастрофа од земјотресот во Ерзинџан во 1939 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни