Минатиот викенд Старбакс доби дојава дека една продавница во Њујорк е обоена со пропалестински графити. Неколку часа подоцна, во продавница на осум блока подалеку, клиент ги нападнал вработените, обвинувајќи го брендот дека е анти-израелски.
Овие неколку недели се тешки за најголемата компанија за кафе во светот.
Во време кога се надеваа дека ќе шират празнична еуфорија и моча кафе со пеперминт, компанијата жонглира со бојкотите поради израелската војна во опколената Газа и напорите за синдикално здружување.
Во отворено писмо до вработените во вторникот, извршниот директор на Старбакс, Лаксман Нарасимхан, го осуди вандализмот во продавниците и ескалацијата на протестите во САД и ширум светот.
„Иако сум благодарен за толку многу нешта, загрижен сум за состојбата во светот во кој живееме. Има конфликти во многу делови. Тоа ослободува насилство врз невините, омраза и вооружен говор и лаги - сето тоа го осудуваме," напиша тој.
„Нашиот став е јасен. Ние се залагаме за хуманоста“.
Старбакс, чие седиште е во Сиетл сè уште не кажува како тоа влијаело врз неговата продажба. Следниот квартален извештај за продажба на компанијата нема да излезе до февруари. Сепак, постојат индикации дека Старбакс доживува пад на продажбата.
Во извештајот од почетокот на декември, аналитичар на Џ.П. Морган ја намали неговата прогноза за продажбата на Старбакс во САД за првиот фискален квартал, велејќи дека продажбата за празниците се чини дека е побавна од есенските промоции.
По веста, паднаа цената на акциите на Старбакс.
Во меѓувреме, видеата објавени на X покажуваат протести и празни продавници во Обединетото Кралство, Австралија, Обединетите Арапски Емирати и на други места.
Бојкотите против Старбакс се силни и во муслиманските држави, вклучувајќи ги Туркије, Египет, Пакистан, Јордан и Индонезија.
Самонанесените рани на Старбакс
Некои од проблемите на Старбакс се самонанесени.
Бранот на гнев започна во октомври кога Старбакс го тужеше синдикатот на компанијата под закрила на Воркерс јунајтед затоа што објавил пропалестинска порака на социјалните мрежи.
На 9 октомври, два дена откако борците на Хамас започнаа напад во јужен Израел, Старбак Воркерс јунајтед на X објави „Солидарност со Палестина!“ .
Воркерс јунајтед- филијала на Меѓународниот синдикат на сервисни вработени со седиште во Филаделфија - во својата тужба тврдеше дека работниците го објавиле твитот без одобрение од синдикалните водачи. Објавата беше отворена околу 40 минути пред да биде избришана.
Старбакс потоа тужеше за да го спречи синдикатот да го користи неговото име и лого, велејќи дека компанијата нема официјален став за војната и дека објавата на синдикатот може да ги збуни клиентите.
„Старбакс се обидува да ја искористи тековната трагедија на Блискиот Исток за да ја зајакне својата антисиндикална кампања“, напиша претседателката на Воркерс јунајтед, Лин Фокс во писмото до Старбакс.
Некои американски пратеници, вклучително и републиканскиот сенатор Рик Скот од Флорида, повикаа на бојкот на Старбакс.
„Ако одите во Старбакс, поддржувате убивање Евреи“, напиша на 11 октомври на Твитер претставникот на државата Флорида, републиканецот Ренди Фајн.
Одлуката на компанијата многумина ја сметаа за произраелска.
Во средината на ноември, компанијата повторно поднесе тужба. Овој пат, во неа стоеше дека компанијата ги почитува правата на работниците и тие можат да ги изразат своите ставови за израелската војна за опколената Газа и другите политички прашања, и изјавија дека тужбата е за заштита на безбедноста на работниците и угледот на Старбакс.
Но штетата е направена. Тоа е брз пресврт за Старбакс, кој забележа рекордна продажба во последниот квартал, а заврши на 1 октомври.
Ја прославија 20-годишнината од Пампкин Спајс Лате и изјавија дека се забрзува растот во Кина.
Проблеми со американските работници
Сепак, дури и тогаш тензиите тлееја.
Американските работници во повеќе од 370 продавници на Старбакс во сопственост на компанијата гласаа за синдикално здружување од крајот на 2021 година, но компанијата и синдикатот сè уште не се согласија на договор во ниту една од тие продавници.
На 16 ноември, работниците во неколку стотици американски продавници на Старбакс ја напуштија работата во знак на протест.
Тоа им наштети на продажбата во еден од најпрометните денови на компанијата во годината.
Старбакс, кој се противи на напорите на синдикатот, се обиде да го смени разговорот за ова прашање.
Претходно овој месец, компанијата објави дека е посветена на преговори со своите синдикални работници и постигнување договор за работа следната година.
Старбакс е еден од многуте брендови кои се соочуваат со бојкот поради војната на Израел против опколените Палестинци во Газа.
Се бојкотираат и МекДоналдс, Кока-Кола, КФЦ, Бургер Кинг, Папа Џонс и Нестле.
Западните брендови го чувствуваат влијанието и има знаци дека кампањата се шири во многу земји.
Се верува дека некои од компаниите кои беа цел на кампањата за бојкот зазедоа про-израелски позиции, а за некои се вели дека имаат финансиски врски или инвестиции во Израел.