Стејт департментот на САД го осуди обидот за атентат на поранешниот претседател и актуелен републикански кандидат Доналд Трамп додека држеше говор на предизборен митинг во сојузната држава Пенсилванија.
„Го осудуваме овој напад и секое политичко насилство силно и недвосмислено, исто како што го осудуваме политичкото насилство во која било земја“, им рече на новинарите портпаролот Метју Милер.
„Денес знаеме дека луѓето ширум светот, владите ширум светот имаат прашања за тоа што се случи, исто како и Американците. И нашата порака до нив е едноставна. Како што јасно кажа претседателот Бајден, нема место за насилство во нашата демократија, точка“, рече Милер.
Портпаролот, исто така, рече дека државниот секретар Антони Блинкен го свикал својот лидерски тим за да побара од нив да ги потсетат своите тимови и сојузниците и партнерите на САД дека „Америка и порано се соочувала со тешки времиња, но дека од нив излезе посилна поради основните вредности што ги споделува нацијата“.
Вооружениот напаѓач Томас Метју Крукс (20) беше застрелан и убиен од Тајната служба на местото на настанот. ФБИ објави дека го истражува атентатот како „потенцијален домашен терористички акт“.