Пред Белата куќа во Вашингтон вчера се одржа протест против израелскиот напад врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
Демонстрантите, вклучително и невладини организации и студенти, носеа палестински знамиња и скандираа против американскиот претседател Џо Бајден. Некои носеа транспаренти на кои пишуваше: „Бајден, запри го овој колеж“, „Спасeте jа Рафах“, „Запрете ја целата американска помош за Израел“...
Протести се одржани и во други големи градови во САД. Во Њујорк и Чикаго се собраа повеќе стотици демонстранти.
Израелската армија планира да започне копнена офанзива врз Рафах, дом на повеќе од милион лица што тука побараа засолниште од војната. Цел на Тел Авив со оваа офанзива е да ги порази, како што ги нарекува, преостанатите „баталјони на Хамас“.
Планираната офанзива предизвика загриженост поради хуманитарната катастрофа во градот на граница со Египет.
Од 7 октомври Палестинците во градот Рафах, сместен во јужниот дел на Појасот Газа, бараат засолниште од израелските напади, простор за кој израелската администрација велеше дека е безбеден.
Белата куќа предупреди дека израелската офанзива врз Рафах би „била катастрофална“ за Палестинците.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се интерно раселени и се соочуваат со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.
Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 28.340 Палестинци, главно деца и жени, а ранети се повеќе од 67.984 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.