Канцеларијата за истрага на корупција на високи функционери (ЦИО) вчера побара од обвинителството да го обвини Jун за бунт и злоупотреба на службената положба / Photo: Reuters

Јужнокорејскиот суд денеска го отфрли барањето на обвинителството за продолжување на притворот на соборениот претседател Јун Сук-Јол поради кривична истрага за обидот за воведување вонредна состојба на 3 декември.

Канцеларијата за истрага на корупција на високи функционери (ЦИО) вчера побара од обвинителството да го обвини Jун за бунт и злоупотреба на службената положба.

Јун, сменет и суспендиран од власт на 14 декември, е во притвор од минатата недела додека трае истрагата за неговиот обид да воведе вонредна состојба.

Тој беше притворен по неколку неуспешни обиди за негово апсење, откако неговото обезбедување се закани дека ќе се спротистави на приведувањето.

ЦИО изјави дека притворот на Јун треба да заврши околу 28 јануари и дека очекуваат обвинителите да побараат од судот да го продолжи за уште 10 дена пред официјално да го обвинат претседателот.

Сепак, Централниот окружен суд во Сеул го одби барањето на обвинителството.

ЦИО доби налог за апсење на Јун, откако тој ги игнорираше сите три покани да се појави на сослушување како дел од заедничката истрага на ЦИО со истражните единици на полицијата и Министерството за одбрана за воведувањето на воена состојба на 3 декември.

TRT Balkan / агенции
Популарни