Велика Британија е „длабоко загрижена“ од извештаите за израелската воена операција во Рафах, јужно од Појасот Газа, изјави денес британскиот премиер Риши Сунак.
„Длабоко сме загрижени од извештаите за воената операција во Рафах, па затоа она на што повикуваме е итна пауза во непријателствата за да можеме да добиеме поголема помош и да ги извлечеме заложниците, а потоа да изградиме услови за одржлив прекин на огнот кој останува во фокусот на сите наши дипломатски напори“, изјави Сунак за Скај њуз.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон исто така изјави за Скај њуз дека неговата земја е „многу загрижена“ за она што се случува во регионот.
Како што рече, во Рафах има луѓе кои беа раселени неколку пати пред да пристигнат таму.
„И навистина, мислиме, невозможно е да се види како можете да водите војна меѓу овие луѓе. Тие немаат каде да одат. Тие не можат да одат на југ до Египет. Тие не можат да одат на север и да се вратат во своите домови, бидејќи многу се уништени. Затоа, ние сме многу загрижени поради ситуацијата и сакаме Израел да застане и да размисли многу сериозно пред да преземе какви било натамошни дејства“, рече Камерон.