Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус, денес изјави дека извештаите за упадот на израелската Армија во болницата Ал-Шифа во Газа се „длабоко загрижувачки“, јавува Анадолу.
„Изгубивме контакт со здравствениот персонал во болницата“, изјави Гебрејсус на социјалната мрежа Х, додавајќи: „Длабоко сме загрижени за нивната безбедност и безбедноста на пациентите.“
Израелската Армија утринава изврши упад во болницата Ал-Шифа, најголемата здравствена установа во регионот во која се сместени илјадници пациенти и раселени цивили во Газа.
Израел тврди дека припадниците на палестинската организација Хамас ја користеле болницата како база, тврдење што го негираа и Хамас и болничките службеници.
И покрај статусот на Ал-Шифа како цивилна установа, таа беше бомбардирана, како и нејзината околина, а недостигот на гориво и медицински материјали поради блокадата на Израел ја отежна медицинската нега.
Според најновите податоци на палестинските власти, најмалку 11.320 Палестинци загинаа, вклучувајќи над 7.800 жени и деца, а повеќе од 29.200 други се повредени.
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, исто така се оштетени или уништени во немилосрдните воздушни и копнени напади на Израел врз опколената енклава од минатиот месец.
Бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200, според официјалните бројки.