Ричард Пеперкорн, претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во окупираните палестински територии, истакна дека просечно на секои десет минути се убива по едно дете во Појасот Газа.
Пеперкорн учествуваше онлајн на неделната прес-конференција одржана од страна на Канцеларијата на СЗО во Женава, при што зборуваше за ситуацијата во Газа, која е под израелска блокада и интензивни израелски напади.
Тој потсети дека од 7 октомври досега во Газа се убиени околу 16.000 лица.
„Над 60 отсто од убиените се жени и деца. Повредени се над 42.000 лица“, нагласи тој.
„Просечно на секои 10 минути се убива по едно дете во Газа. Во оваа насока сметам дека се наоѓаме близу до најмрачниот момент на човештвото. Имаме потреба од постојано примирје (во Газа)“, додаде Пеперкорн.