Степногорск, „таен проект“ на советската администрација, кој го немаше ниту на мапата до распадот на Советскиот Сојуз, почна да се гради од нула во 1964 година на север од огромната казахстанска степа.     Photo: AA

Градот Степногорск во Казахстан, кој одигра клучна улога во нуклеарното вооружување на Советскиот Сојуз е познат и како град кој Москва го криеше од западниот блок, особено од САД, за време на Студената војна.

Степногорск се наоѓа на околу 200 километри од Астана, главниот град на Казахстан.

Степногорск, „таен проект“ на советската администрација, кој го немаше ниту на мапата до распадот на Советскиот Сојуз, почна да се гради од нула во 1964 година на север од огромната казахстанска степа. Причината за тоа е откривањето на најголемото наоѓалиште на ураниум во светот во близина на градот.

Во комбинираната рударска и хемиска фабрика Степногорск е произведен ураниумот, главната суровина неопходна за Советите да развијат нуклеарно оружје.

Советскиот Сојуз, кој го изврши својот прв нуклеарен тест на територијата на Казахстан во 1949 година, успеа да ги достигне САД по бројот на нуклеарно оружје благодарение на ураниумот произведен во постројката.

Иако се наоѓа на територијата на Казахстанската Советска Социјалистичка Република, Степногорск, кој е управуван од Москва наместо од Алмати, се уште носи траги од Студената војна.

Секоја зграда во градот, кој е изграден земајќи во предвид можен нуклеарен напад од САД, е шифрирана и има засолништа неколку метри под земјата.

Историчарот Кајрат Балтасули, наставник во училиште во Степногорск, изјави за Анадолу дека градот наликува на музеј на отворено што го опишува периодот на Студената војна меѓу двете суперсили.

Тој рече дека градот е изграден за да издржи нуклеарен напад.

„Нашиот град е како јама меѓу ридовите. Во случај на нуклеарна војна во период на Студената војна, еден од проектилите сигурно би стигнал до нас. Се претпоставувало дека дури и да експлодира проектилот, неговиот бран ќе помине над нас,“ објасни Балтасули.

Тој изјави дека во градот има големи засолништа каде луѓето можат да се заштитат во случај на нуклеарен напад.

„И сега има огромен магацин во близина на нашата локација. Овде, во случај на нуклеарна војна, може да се складира доволно храна за жителите на градот за 20 години“, рече Балтасули.

Степногорск одигра клучна улога, не само во нуклеарното вооружување на Советите, туку и во развојот на биолошкото оружје.

Во 1970 година беше одлучено овде да се формира микробиолошка институција наречена „Прогрес“. Најдобрите експерти од земјите на поранешниот Советски Сојуз беа избрани да работат во објектот, кој беше изграден со лабораторија и осумкатен длабок бункер, на само 14 километри од градот.

Објектот, за кој се тврди дека развивал ѓубрива и пестициди, вршел тајни истражувања на различни биолошки оружја, особено антракс.

Со распадот на Советскиот Сојуз и заминувањето на експертите од градот, активностите во објектот престанаа.

„Тајниот град“ на Советскиот Сојуз: Степногорск AA

Стратешките објекти во Степногорск, кои тогашната советска администрација ги криела, сега се изложени во градскиот музеј.

„Оние кои сакаат да имаат информации за нашиот град треба прво да дојдат кај нас. На пример, сите индустриски капацитети се надвор од градот. Сепак, подетални информации за секој објект и зграда можете да добиете во посебна хала на нашиот музеј", рече Мајра Нуржанова, директорка на Степногорскиот историски и регионален музеј, единствен во градот.

Таа изјави дека во градот не се произведува само ураниум, туку и најскапото сирово злато во светот.

Во Музејот има и портрет на Каниш Сатпајев.

„Ова е портрет на Каниш Сатпајев. Тој е важен научник на казахстанскиот народ. Тој беше првиот што најде наоѓалишта на ураниум и злато во Степногорск“, објасни Нуржанова.

Лала Гајсина (75) од Уфа била една од оние кои се населиле во Степногорск, каде што биле изградени најдобрите училишта, болници и театри.

„Имав 23 години кога дојдов овде. Во Уфа немаше вакви услови. Во 1972 година се роди моето прво дете. Добивме двособен стан“, вели Гајсина.

Животот го поминала работејќи во тимот за воена безбедност во индустриски објект во градот.

„Имав семејство. Сега сум сама. Едната ќерка ми почина. Другата ќерка живее во Германија со моите двајца внуци“, изјави Гајсина.

Во областа живее и Фарида Боташкизи.

„Речиси 30 проценти од населението во градот го сочинуваат стари луѓе. Тие напорно работеа за овој град и организираме разни настани за да не бидат сами“, објасни Боташкизи.

Степногорск, град во Казахстан наследен од Советскиот Сојуз, се издвојува како единствен град во кој е зачувана традиционалната советска архитектура.

Во Степногорск сè уште работат железничките линии од советската ера, популарно познати како „Маталка“. Со нивна помош луѓето можат да стигнат од еден до друг дел на градот и индустриските капацитети во градот.

Во Степногорск во моментов живеат 49.000 луѓе.

Додека возрасните сè уште се надеваат на град во продолжува производството на ураниум и злато, младите претпочитаат да се преселат во големите градови каде што условите за живот и работа се подобри.

AA
Популарни