Сè уште не е јасно како Израел ќе одговори на иранскиот напад со балистички проектили / Photo: Reuters

Властите во Техеран им порачаа на арапските држави од Персискиот залив дека би било неприфатливо ако одобрат користење на нивниот воздушен простор или воени бази против Иран и предупредија дека секој таков потег ќе предизвика одговор, изјави денеска за Ројтерс неименуван ирански претставник.

„Јасно ставивме до знаење дека Техеран ќе ја разгледа секоја акција на земјите од Персискиот Залив против Иран, без разлика дали преку употреба на воздушен простор или воени бази, како акција преземена од целата група и Техеран ќе одговори на тоа“, рече тој.

Пораката ја нагласува потребата од регионално единство против Израел и важноста од обезбедување стабилност.

„Исто така, јасно е ставено на знаење дека секаква помош за Израел, како што е дозволувањето користење на воздушниот простор на регионалната земја за акции против Иран, е неприфатлива“, додаде официјалниот претставник.

Во исто време, земјите од Персискиот залив се обидуваат да го убедат Техеран во нивната неутралност кога станува збор за растечките тензии меѓу Иран и Израел, пишува Гардијан.

Сè уште не е јасно како Израел ќе одговори на иранскиот напад со балистички проектили.

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди да не се напаѓаат иранските нафтени постројки, откако посочи дека Вашингтон „разговара“ за таква акција.

Некои од другите цели што Израел би можел да се обиде да ги нападне се иранскиот кластер за ракети и беспилотни летала, неговата економска инфраструктура или нафтените терминали, според британскиот весник.

Бајден се очекува подоцна денеска да одржи телефонски разговор со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху, кој наводно ќе вклучи дискусии за „какви било планови за напад на Иран“.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи е на пат за Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот залив на разговори закажани за подоцна денеска.

TRT Balkan / агенции
Популарни