Според палестинските здравствени власти, од 7. октомври се убиени повеќе од 35.300 Палестинци, главно жени и деца / Photo: AA

Најмалку 93 тела на Палестинци се пронајдени во бегалскиот камп Џабалија во Појасот Газа од почетокот на израелската офанзива врз кампот пред шест дена.

„Пожарите избувнаа во средината на кампот Џабалија како резултат на континуираното израелско бомбардирање. Противпожарните екипи не можеа да стигнат до погодените области во кампот“, изјави за Анадолу Ахмед ал Кахлот, директор на Цивилната заштита во северниот дел на Појасот Газа.

Според него, 93 тела на Палестинци се извлечени од кампот Џабалија од почетокот на израелската операција.

„Многу тела беа фрлени на патиштата во кампот Џабалија, а тимовите не беа во можност да ги извлечат поради континуираното израелско бомбардирање“, додаде тој.

Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничен напад на Хамас на 7 октомври минатата година во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Според палестинските здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 35.300 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 79.200 се повредени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.


AA
Популарни