Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги критикуваше надворешнополитичките перформанси на претседателот во заминување Џо Бајден, нарекувајќи го ново најниско ниво во американската историја.
„Кога ќе погледнете што се случи во последните четири години, мислам дека тоа беше најниската точка во историјата на нашата земја. Беше толку лошо“, изјави синоќа Трамп за десничарскиот канал Њузмакс.
Бајден неодамна се пофали со достигнувањата на неговиот тим за надворешна политика, тврдејќи дека тие се најдобри во историјата на Белата куќа.
Трамп има дијаметрално спротивен став за резултатите од дипломатијата на Бајден.
„Не сакам да ги навредувам луѓето кога си заминуваат“, рече Трамп пред да ја нарече страшна надворешната политика на Бајден.
За време на неговиот прв мандат од 2017-2021 година, Трамп беше познат по затегнатите односи со традиционалните американски сојузници, како што се Германија и другите членки на НАТО, што доведе до стравувања дека САД би можеле да го напуштат долгогодишниот воен сојуз.
Тој, исто така, бараше посилни врски со традиционалните американски ривали како Русија и Северна Кореја.
Откако победи на изборите во ноември, Трамп успеа да ги подигне тензиите со членката на НАТО, Канада дури и пред да пристигне во Белата куќа, нарекувајќи ја американска држава, а исто така одби да ја исклучи можноста за користење воена акција за преземање на Гренланд, територија на Данска, уште еден сојузник во НАТО.
Трамп, исто така, тврдеше дека војната Русија-Украина никогаш не требаше да се случи, како и конфликтот Израел-Иран.
Тој додаде дека перформансите на администрацијата на Бајден во глобалните прашања биле катастрофални, наведувајќи го како пример неуспехот на повлекувањето на САД од Авганистан во август 2021 година.
„И знаете што направи со лудилото, со 13 загинати војници и со оставањето на опрема вредна милијарди и милијарди долари во рацете на Талибанците. Само, знаете, едноставно не можеше да биде полошо од тоа. Повлекувањето доведе до повеќе глобални кризи“, рече Трамп.
Администрацијата на Бајден, од друга страна, го обвинува Трамп дека всушност го одредил датумот за повлекување од Авганистан и го скратил времето за подготовки.
Тие, исто така, ги оспоруваат тврдењата на Трамп за вредноста на напуштената воена опрема во Авганистан.
Новоизбраниот американски претседател Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека е убеден оти рускиот претседател Владимир Путин бил охрабрен од лошото повлекување на САД од Авганистан и затоа започнал напад врз Украина.