Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека ќе се изјасни за невин за обвиненијата во ревидираниот обвинителен акт во кој се товари за обид за мешање и блокирање на резултатите од претседателските избори во 2020 година.
„Јас, претседателот Доналд Трамп, горенаведениот обвинет со ова се откажувам од моето право да бидам присутен на судењето и ги овластувам моите адвокати за моето изјаснување како невин за секоја точка од ревидираниот обвинителен акт“, рече републиканскиот претседателски кандидат во барањето до Судот.
Минатата недела, американскиот специјален советник Џек Смит поднесе ревидирано обвинение во случајот за мешање на Трамп во изборите, стеснувајќи го опсегот на прогонот како одговор на неодамнешната одлука на Врховниот суд за имунитет на претседателот.
Иако ниту едно од четирите првични обвиненија против Трамп не е отфрлено, ревидираниот обвинителен акт отстранува одредени обвинувања, вклучително и оние поврзани со обидите да се искористи Министерството за правда за да се поддржат тврдењата на Трамп за изборна измама.
Тоа се случи откако Врховниот суд минатиот месец го препозна правото на Трамп на претседателски имунитет од кривичен прогон за обвиненијата за субверзија на изборите и за уападот во Капитол Хил на 6 јануари 2021 година, но не и за постапките што ги презел додека бил претседателски кандидат.
Обвинителите и адвокатите на Трамп се очекува да се појават на суд в четврток на сослушување за да се утврдат следните чекори по одлуката за имунитет на Врховниот суд.