Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Светскиот економски форум во Давос изјави дека Европската унија се однесува кон САД „многу лошо и многу неправедно“ во економските односи.
Како што наведе, Европа не купува американски земјоделски производи или американски автомобили, туку испраќа милиони свои возила во САД.
„Ова резултира со стотици милијарди долари дефицит на Америка со ЕУ, и ние ќе направиме нешто околу тоа“, рече Трамп за време на обраќањето со видео врска.
Американскиот претседател нагласи дека ги сака европските земји иако тие „се однесуваат многу неправедно со Америка со даноците што ги наметнуваат“.
Трамп, исто така, повика на тарифи за производи кои не се произведени во САД.
„Ако не ја прават вашата стока во Америка, едноставно кажано, ќе ја платите тарифата“, рече американскиот претседател, додавајќи дека под неговата администрација нема да има подобро место во светот за отворање работни места и изградба на фабрики отколку, како што рече, „старите добри САД“.
Трамп, исто така, рече дека можеби ќе се обиде да воведе царини од 20 отсто на производи од Канада и Мексико и 10 отсто на стоки од Кина.
Американскиот претседател најави дека ќе побара од Саудиска Арабија и ОПЕК да ја намалат цената на нафтата, како и дека ќе побара од Ријад да ги зголеми планираните инвестиции во САД на трилион долари од првичните 600 милијарди долари.
Трамп рече дека ако цената на нафтата падне, војната меѓу Русија и Украина „веднаш ќе заврши“.
„Во моментов цената е доволно висока за оваа војна да продолжи - мора да ја намалите цената на нафтата“, рече тој.
Светскиот економски форум во Давос се одржува од 20 до 24 јануари под слоганот „Соработка за интелигентно доба“.