Американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори својата идеја за преселување на жителите на Газа во други земји за време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот, велејќи: „Мислам дека луѓето, Палестинците, не треба да се враќаат во Газа“.
За време на нивната средба во Овалната соба, Трамп рече дека Газа сега е целосно уништена и не е место за живеење, додавајќи дека мисли дека Јордан и Египет ќе ги примат Палестинците од Газа.
Нетанјаху е првиот странски лидер чиј домаќин е Трамп откако тој ја презеде функцијата на 20 јануари.
Трамп тврдеше дека и тој и Нетанјаху сакаат мир на Блискиот Исток и дека решавањето на кризата во Газа е клучно за постигнување на таа цел.
Тоа не е место каде што луѓето можат да живеат
Трамп рече дека Палестинците се враќаат во Газа бидејќи немаат друга опција, но тој повтори дека областа не е погодна за живеење.
„Тие се враќаат само затоа што немаат алтернатива. Затоа мислам дека луѓето не треба да се враќаат во Газа.
Тој нагласи дека се водат разговори со Египет и Јордан за можноста за изградба на нови области за раселените Палестинци: „Да имаа алтернатива, тие не би се вратиле во Газа. Тие попрво би избрале безбедно и убаво место за живеење“.
Опишувајќи ја Газа како област во урнатини, исполнета со бомби и несигурност, Трамп додаде: „Газа беше несреќно место за нив. Тие живееја како во пекол“.
Тој повтори дека Газа е многу опасна: „Како ги натерате луѓето да се вратат таму? Им велите да се вратат назад, но таму ги чека само смртта. Најдобар начин е да им дозволите да излезат и да изградат убави, отворени места со доволно сонце и модерни згради. Тогаш тие нема да сакаат да се вратат во Газа“.
Трамп уште еднаш рече дека животот во Газа е невозможен.
„Можеме да изградиме нови населби со помош на огромни средства кои би ги обезбедиле богатите земји. Тоа може да биде Јордан, Египет или некоја друга земја. Можеме да изградиме четири, пет или шест населби, не мора да биде само една. Тоа би биле места каде што би можеле да живеат, бидејќи Газа не им гарантира ништо друго освен смрт.
Нетанјаху: Трамп беше поефикасен во преговорите за прекин на огнот
Коментирајќи го прекинот на огнот во Газа, израелскиот премиер Нетанјаху, на прашањето кој е поефикасен во неговото постигнување – Џо Бајден или Доналд Трамп – одговори: „Претседателот Трамп“.
Нетанјаху изјави дека една од целите за постигнување мир во Газа е враќањето на сите заложници кои ги држи Хамас.
„Го поддржувам враќањето на сите заложници и исполнувањето на сите наши воени цели, вклучително и уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас и обезбедување дека Газа никогаш не претставува закана за Израел“, рече тој.
Во меѓувреме, група луѓе се собраа во близина на Белата куќа за да протестираат поради средбата меѓу Трамп и Нетанјаху.
Првата фаза од шестнеделниот прекин на огнот стапи на сила во Газа на 19 јануари, со што беше запрена израелската војна во која загинаа повеќе од 47.500 луѓе и ја остави енклавата во урнатини, со масовно раселување на цивилното население и сериозен недостиг на основни потреби.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење во ноември за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна во оваа енклава.