Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска повторно предложи Канада да стане 51-та американска сојузна држава и на социјалната мрежа Тру Социал објави карта на САД која ја вклучува Канада.
Трамп сподели две објави на платформата, една со мапа на САД и Канада со натпис „Соединетите Американски Држави“ над териториите на двете земји и друга каде Канада е покриена со американско знаме.
Републиканецот неколку пати претходно предложи Канада да стане 51-ва сојузна држава, но вчера ја отфрли идејата за употреба на воена сила за припојување на Канада кон САД, но не ја исклучи можноста за економска принуда.
Новоизбраниот републикански претседател на Америка претходно изјави дека границата меѓу двете земји е „вештачка линија“ и се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за увозот од Канада, која извезува 75 отсто од стоките и услугите во САД.
Трамп во понеделникот, откако Трудо поднесе оставка како премиер и лидер на Либералната партија претходно истиот ден, рече дека би било добро Канада да се спои со САД и дека „многу луѓе во Канада би сакале таа да стане“ 51-та американска држава .
„Многу луѓе во Канада би сакале да бидат 51-та земја. Соединетите Американски Држави повеќе не можат да ги толерираат големите трговски дефицити и субвенции кои ` се потребни на Канада за да опстане. Џастин Трудо го знаеше ова и поднесе оставка. Ако Канада се спои со САД, немаше да има тарифи, даноците би биле многу пониски и би биле целосно безбедни од опасностите на руските и кинеските бродови кои постојано ги опкружуваат. Заедно, каква голема нација би била тоа!!!“, напиша Трамп.
Трудо ја отфрли таа идеја во понеделникот, велејќи дека „работниците и заедниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“.