Претседателот Доналд Трамп положи заклетва за својот втор мандат на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави (САД), најавувајќи голема промена во американската влада со која се очекува да испрати шоковни бранови во американското општество и во светот воопшто.
„Јас, Доналд Џон Трамп, свечено се колнам дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на Соединетите Американски Држави и ќе го чувам, штитам и бранам Уставот на Соединетите Американски Држави, најдобро што можам“, рече Трамп за време на заклетвата во американскиот Капитол.
„Америка ќе биде на прво место. Наш приоритет е да создадеме нација која е безбедна, просперитетна и слободна. Америка наскоро ќе биде поголема од кога било досега“, рече Трамп.
Тој ја истакна потребата да биде искрен за предизвиците со кои се соочува, истакнувајќи дека Владата се соочува со криза на доверба.
„Нашата влада се соочува со криза на доверба“, рече Трамп, додавајќи дека „вагата на правдата“ ќе биде ребалансирана.
Тој ги повика владините агенции да работат на намалување на трошоците за американските граѓани и најави дека ќе прогласи вонредна состојба на јужната граница на САД.
„Ќе испратам војници на јужната граница за да ја запрат инвазијата на нашата земја“, рече Трамп и нагласи дека нарко-картелите надвор од САД ќе ги прогласи за терористички организации.
Тој изјави дека ќе побара од федералните агенции да ги елиминираат странските криминални банди кои дејствуваат во САД и најави борба против инфлацијата и поскапувањата.
„САД повторно ќе бидат земја производител, а ние ги имаме најголемите резерви на гас и нафта во светот и ќе го искористиме тоа. Стратешките резерви ќе ги пополниме до врв. Повторно ќе бидеме богат народ и течното злато под нашите нозе ќе ни помогне во тоа. Повторно ќе правиме автомобили во нашата земја, секој ќе може да го купи автомобилот што го сака“, рече Трамп.
Тој им се заблагодари на афроамериканската и латино заедницата за поддршката за време на изборната кампања.
Трамп најави дека ќе ги зголеми даноците на другите земји, а за оваа цел ќе формира посебна даночна служба.
„Мојата администрација ќе формира целосно ново Министерство за ефикасност на државните служби“, рече Трамп.
Трамп рече дека бил „тестиран и предизвикуван“ повеќе од кој било претседател во историјата во последните осум години, велејќи дека „патот назад не бил лесен“.
Тој се осврна и на обидот за атентат врз него за време на изборната кампања во Пенсилванија, велејќи дека тој бил спасен со причина.
„Мојот живот беше спасен со причина. Бог ме спаси за да ја направам Америка повторно голема“, нагласи Трамп со громогласен аплауз од присутните.
По инаугурацијата, претседателот треба да го напушти Капитол и да се упати кон блиската Капитал Уан арена, каде што ќе им се обрати на своите поддржувачи за време на собирот на кој ќе има и претседателска парада. Не се знае како парадата, која вообичаено се одржуваше на отворено од Капитол преку Авенијата Пенсилванија до Белата куќа, ќе биде одржана во арената на затворено.
Трамп во петокот објави дека неговата инаугурација ќе се одржи во затворен простор поради ниските температури низ регионот на главниот град.