Американските власти пронајдоа експлозивни направи во автомобилот на Крукс, објави во неделата Волстрит џурнал / Photo: Reuters

ФБИ го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, Пенсилванија како осомничен за атентатот врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп во саботата на предизборен митинг.

Крукс беше убиен од американската тајна служба откако пукал во Трамп, кој е полесно повреден во пределот на увото, а со интервенција на обезбедувањето е оддалечен од бината.

Се верува дека напаѓачот работел сам, а ФБИ соопшти дека работи на утврдување на мотивот за нападот во кој загина еден учесник на митингот, а двајца беа повредени. Откако повеќе сведоци рекоа дека го виделе напаѓачот пред пукањето и ги предупредиле властите, полицијата на Батлер соопшти дека „одговорила на голем број извештаи за сомнителни активности“, но не даде дополнителни детали.

Американските власти пронајдоа експлозивни направи во автомобилот на Крукс, објави во неделата Волстрит џурнал, цитирајќи неименувани извори. Автомобилот управуван од осомничениот напаѓач бил паркиран во близина на митингот на Трамп во Батлер.

Весникот и Еј-Би-Си Њуз објавија дека пушката на Крукс ја купил неговиот татко. Инспекторите заплениле полуавтоматска пушка АР-15, која по изглед е речиси идентична со јуришната пушка М16 што ја користи американската војска.

За разлика од воената верзија, АР-15 не е способна за континуиран оган, но искусните стрелци сепак можат да испукаат голем број истрели за многу кратко време.

Оружјето може да се купи онлајн во САД за околу 1.000 долари. АР-15 се покажа како контроверзен во последниве децении, откако беше употребен во неколку масовни престрелки во САД.

Од она што досега е познато е оти државните гласачки записи покажуваат дека Крукс бил регистриран републиканец. Изборите на 5 ноември требало да бидат првите на кои Крукс ќе имал право да гласа. Тој на 17 години донирал 15 долари на политички комитет кој собира пари за левичарски и демократски политичари, според податоците на Федералната изборна комисија од 2021 година.

Таткото на Крукс, Метју (53) за Си-Ен-Ен изјави дека се обидува да открие што се случило и дека нема да даде изјава додека не разговара со полицијата.

Томас Крукс е дипломиран од 2022 година на средното училиште Бетел Парк, според Питсбург Трибјун-Ревиз. Според тој весник, тој добил награда од 500 долари „ѕвезда“ од Националната иницијатива за математика и наука.

Доналд Трамп во неделата рече дека „само Бог го спречил незамисливото“, еден ден по атентатот врз него во Пенсилванија.

„Ви благодарам на сите за молитвите и мислите што ми ги испратија вчера, бидејќи само Господ спречи да се случи незамисливото“, напиша републиканскиот кандидат за претседателските избори во САД на својата платформа Truth Social.

„Нема да се предадеме на стравот, туку наместо тоа ќе останеме цврсти во нашата вера и ќе одржиме пркосен став пред злото“, додаде тој.

„Во овој момент е поважно од кога било досега да го одржиме единството и да го покажеме нашиот вистински карактер како Американци и да останеме силни и решителни и да не дозволиме злото да победи“, рече поранешниот американски претседател.

TRT Balkan / агенции
Популарни