Без изненадување на првичните партиски избори за претседателска номинација од редовите на републиканците/ Фото: AP

Доналд Трамп е победник на првите партиски избори во американската сојузна држава Ајова во трката за освојување на претседателската номинација на Републиканската партија.

Како што предвидуваа анкетите Трамп е апсолутен победник помеѓу сите кандидати од редовите на републиканците кои истрчаа за номинација за претседателските избори кои ќе се одржат на 5 ноември годинава.

Гласачите во Ајова се здружуваат во табори кога го одлучуваат победникот на партиските избори и најчесто тие собири се одржуваат во големи простории на месните заедници како што се училишта, спортски сали, па дури и верски објекти.

Трамп, според анализата на првичните резултати, има освоено најмногу гласови меѓу гласачите од руралните средини, потоа кај евангелистите, како и гласачите кои припаѓаат на работничките слоеви.

По првата партиска изборна трка целосно се повлече кандидатот Вивек Рамашвами кој застана зад кандидатурата на Доналд Трамп и повеќе нема да настапува на партиските избори во Њу Хемпшир.

Во трката остануваат Ники Хејли, поранешна амбасадорка на САД во Обединетите Нации која во мандатот на Трамп беше близок соработник на претседателот и Рик Десантис актуелниот гувернер на Флорида кој исто така беше еден од најголемите сојузници на екс претседателот.

За да ја освои партиската номинација на Трамп ќе му бидат потребни над 1.200 републикански делегати, или пак останатите кандидати да се откажат предвреме доколку тоа го диктираат анкетите и овие првични избори.

Во феверуари ќе се гласа во Невада, Јужна Каролина и Мичиген, а во март на т.н. „Супер вторник“ се гласа во 17 сојузни држави и територии, по што станува многу појасно во кој кандидат гласачите имаат најмногу доверба.

Доколку Трамп ја освои номинацијата на републиканците, и притоа не биде спречен од изборните власти да се кандидира за претседател поради серијата судски процеси кои се поведени против него, во декември најверојатно ќе се соочи со актуелниот претседател Џо Бајден зад кого повторно ќе застане Демократската партија.

TRT Balkan / агенции
Популарни