Три израелски заробенички ќе бидат ослободени од палестинските групи на отпорот во Газа утре во замена за 110 палестински затвореници од израелските затвори во рамките на договорот за прекин на огнот и размена на затвореници помеѓу Израел и Хамас.
Ебу Обаида, портпарол на вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам, соопшти дека три Израелки - Арбел Јехуд, Агам Бергер и Гади Моше Мозес - ќе бидат ослободени утре.
Канцеларијата за медиуми на Хамас за затвореници соопшти дека 110 палестински затвореници утре ќе бидат ослободени од Израел.
Меѓу затворениците што треба да бидат ослободени 32 отслужуваат доживотни казни, 48 долги казни затвор и 30 се малолетни лица, се вели во соопштението на Канцеларијата за медиуми.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва потврди дека го добил списокот на заробеници што утре треба да бидат ослободени од Газа.
Според израелското армиско радио, ќе бидат ослободени петмина тајландски државјани и три Израелки, меѓу кои и Јехуд.
Израел го искористи случајот со Јехуд за да го оправда одложувањето на дозволата раселените Палестинци да се вратат во своите домови во северна Газа од саботата до понеделникот наутро.
Првата шестнеделна фаза од договорот стапи на сила на 19 јануари, прекинувајќи ја геноцидната војна на Израел во која се убиени над 47.300 Палестинци, повеќето жени и деца.
Поради израелските напади како исчезнати се водат најмалку 11.000 луѓе, предизвикани се исклучително разорување и огромна хуманитарна криза.
Седуммина израелски заробеници, меѓу кои четворица војници, досега се ослободени во замена за 290 палестински затвореници откако договорот стапи на сила.
Според првата фаза од договорот, 33 израелски заробеници треба да бидат ослободени во замена за околу 1.700 до 2.000 палестински притвореници.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.