Израелската армија не издаде предупредување пред нападот, а подоцна објави дека покренала истрага за инцидентот / Photo: AA

Тројца новинари се убиени во воздушен напад на израелската армија утринава додека спиеле во пансиони на селскиот клуб Хасбаја во југоисточен Либан, кој досега беше поштеден од непријателски дејствија.

Тоа беше последен во серијата израелски напади врз новинари кои известуваа за војната во Газа и Либан во последната година.

Во воздушниот напад, кој беше изведен 3 часот, беа уништени голем број гостински куќи, изнајмени од различни медиумски куќи кои известуваат за војната, лоцирани меѓу дрвјата додека автомобилите со ознака „ПРЕС“ останаа превртени и покриени со прашина и шут по нападот.

Израелската армија не издаде предупредување пред нападот, а подоцна објави дека покренала истрага за инцидентот.

Убиени се снимателот Гасан Наџар и техничарот Мохамед Рида од бејрутската панарапска телевизија Ал-Мајадин и снимателот Висам Касим, кој работел за Ал-Манар, телевизиската станица на либанската група Хезболах.

Нападот врз регионот Хасбаја, кој досега беше поштеден од израелските воздушни напади, наиде на широка осуда од официјални лица, новинари и новински организации.

Телевизиските екипи пристигнаа во Хасбаја, верувајќи дека регионот е побезбеден откако Израел нареди евакуација на градот од кој известуваа, а кој се наоѓа јужно од Хасбаја.

Елси Муфараж, координаторка на Алтернативниот синдикат на новинари во Либан, рече дека Израел сака да ги спречи новинарите да известуваат и да бидат присутни во јужен Либан.

Либанскиот министер за информации Зијад Макари изјави дека новинарите биле убиени додека известувале за, како што рече, израелските „злосторства“ и посочи дека таму има поголема група новинари.

„Ова е атентат по следење, со предумисла и планирање, бидејќи на локацијата биле присутни 18 новинари од седум медиумски институции“, напиша тој на платформата Х.

Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад изјави дека во текот на изминатата година, 11 новинари биле убиени, а осум биле ранети во нападите на израелските вооружени сили во Либан.

AA
Популарни