Канадскиот премиер Џастин Трудо во понеделникот објави дека американскиот претседател Доналд Трамп се согласил да ги стави во мирување планираните царини за канадскиот увоз за 30 дена.
„Само што имав добар разговор со претседателот Трамп“, напиша Трудо на X, додавајќи дека Канада „имплементира граничен план од 1,3 милијарди долари, зајакнуваjќи ја границата со нови хеликоптери, технологија и персонал, подобрена координација со нашите американски партнери и зголемено финансирање за запирање на протокот на фентанил“.
Како дел од обврските на Канада, Трудо рече дека речиси 10.000 војници од првата линија работат и ќе работат на заштита на американско-канадската граница.
„Покрај тоа, Канада презема нови обврски за назначување цар на фентанилот, ќе ги назначиме картелите како терористи, ќе обезбедиме 24/7 граничен надзор, ќе формираме заедничка работна група Канада-САД за борба против организираниот криминал, фентанил и перење пари“, рече тој.
Трудо понатаму најави потпишување на „нова директива за разузнавање за организиран криминал и фентанил која ќе биде поддржана со 200 милиони долари“.
„Предложените тарифи ќе бидат паузирани најмалку 30 дена додека работиме заедно“, додаде тој.
Исполнувајќи го предизборното ветување, Трамп во саботата потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 25 отсто за увозот од Канада и Мексико и царина од 10 отсто за увозот од Кина.
Канада во брза реакција објави царини од 25 отсто за американскиот увоз.
Во меѓувреме, мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум во понеделникот објави дека постигнала договор со Трамп за паузирање на планираните царини од 25 отсто на еден месец.