Туркије: Американскиот извештај за човекови права е неоснован / Photo: AA

Министерството за надворешни работи на Туркије синоќа го осуди извештајот на американскиот Стеј департмент за човековите права во Туркије, што вклучува лажни информации и неосновани обвинувања.

Турското МНР соопшти дека Туркије одлучно ја продолжува борбата против терористичките организации, особено против ПКК/ПЈД/ЈПГ, ФЕТО, ДЕАШ и ДХКП/Џ, во согласност со меѓународното право, почитувајќи ги притоа човечките права. Во соопштението се наведува дека Анкара не прифаќа оваа праведна борба да се изобличува и одразува во извештајот на поинаков начин.

„Жалиме што извештајот само во еден дел ги вклучува терористичките напади на ПКК изведени во нашата земја во 2022 година и кршењата на човековите права што ги стори таа организација“, се наведува со соопштението.

Турското МНР истовремено ја осуди американската страна поради тоа што ниту еднаш не ги споменала таканаречените „Сириски демократски сили“, за кои американската администрација има кажано дека ги кршат човековите права во Сирија, под контрола на терористичката група ПКК/ПЈД/ЈПГ.

„Го доведуваме во прашање легитимитетот и кредибилитетот на извештајот“, се вели во соопштението, обвинувајќи го Вашингтон дека ги затвора очите пред активностите на терористичките организации ПКК/ПЈД/ЈПГ и ФЕТО.

„Уште еднаш нагласуваме дека овој извештај, кој очигледно е обликуван со политички мотиви и потполно е лишен од објективност, не можеме да го сфатиме сериозно и ги повикуваме САД да се фокусираат на сопствената евиденција за човековите права“, се потенцира во соопштението.

Турското МНР истакна дека „Туркије не признава вакви неосновани и пристрасни обвинувања“ и дека одлучно ќе продолжат со напорите за заштита и подобрување на правата на своите граѓани и на милиони луѓе кои ги прими во својата земја изминатите години.

TRT Balkan / агенции
Популарни