Туркије: Американскиот извештај за тероризам ги искривува фактите / Photo: AA

Туркије го отфрли новиот извештај на американскиот Стејт департмент за тероризмот, велејќи дека тој „намерно ја искривува“ борбата на Анкара против терористичката група.

Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Туркије Танжу Билгич соопшти дека Државниот извештај за тероризмот за 2021 година „намерно ја искривува борбата против терористичките организации кои претставуваат директна закана по безбедноста на нашата земја“.

Како што рече, спомнувањето на таканаречените Сириските демократски сили (СДФ) кои, всушност, во голема мерка се огранок на терористичката организација ПКК во Сирија, како партнер во борбата против ДАЕШ открива дека „американските власти не ја сфатиле неправилноста на користењето на една терористичка организација во борба против друга терористичка организација“.

Тој рече дека Анкара ја продолжува својата законски основана борба против терористички организации ПКК, ЈПГ/ПЈД, ДХКП-Џ, ФЕТО и ДАЕШ и ефикасно придонесува во напорите на ова поле. Билгич додаде дека е неприфатливо во извештајот да се опише борбата на Анкара против терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар на 15 јули 2016 година во Туркије, како „политички мотивирана“.

„Туркије очекува властите на Соединетите Американски Држави веднаш да го прекинат присуството и активностите на ФЕТО во таа земја“, нагласи Билгич.

Исто така, тој ги повика САД да покажат солидарност со Анкара во согласност со „сојузничкиот дух и да заземат принципиелен, доследен, одлучен и ефикасен пристап во борбата против тероризмот“.

Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за државен удар во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, чие испорачување Република Туркије официјално го побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење на испитите, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, првин во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството на Туркије се обидоа со монтиран судски процес за наводна корупција да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Република Туркије, туку и за секоја земја во којашто е активна.

TRT Balkan / агенции
Популарни