Туркије досега евакуираше околу 1.050 луѓе од Газа на безбедно / Photo: AA

Од почетокот на конфликтот во Појасот Газа на 7 октомври, Туркије евакуираше вкупно 1.047 луѓе на безбедно.

„Евакуираните, вклучително и турски државјани, членови на нивните семејства и граѓани на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), беа пречекани од турски дипломати на египетската страна на граничниот премин“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Туркије, Онџу Кечели, на платформата X.

Според него, евакуираните лица најпрво пристигнуваат во египетскиот главен град Каиро со автомобил пред да се упатат кон Истанбул со авион.

„Постојано се ажурира списокот на наши граѓани кои во моментов чекаат евакуација, а се врши координација со надлежните органи“, додаде тој.

„Наша цел е безбедно и што поскоро да ја завршиме евакуацијата на сите наши граѓани од Газа“, додаде Кечели.

Израелските напади на Појасот Газа

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.

На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени 18.412 Палестинци, а ранети се над 50.100 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни