Придаваме голема важност на што поскоро воспоставување мир во регионот и оштро ја осудуваме загубата на цивилните животи, порача синоќа турското Министерство за надворешни работи во врска со нападите на Хамас од Појасот Газа врз Израел и возвратната реакција на Израел и бомбардирањето на Газа.
Во соопштението на министерство се истакнува дека Туркије е длабоко загрижена поради насилството и тензиите во Израел и Палестина.
„Придаваме голема важност на што поскоро воспоставување мир во регионот и оштро ја осудуваме загубата на цивилните животи“, се нагласува во соопштението.
Анкара истакнува дека насилничките акти и со нив поврзаните ескалации никому нема да му бидат од корист и ги повика страните на воздржаност и избегнување импулсивни чекори.
„Како Туркије, секогаш сме подготвени да придонесеме колку можеме за да обезбедиме настаните да се стават под контрола пред понатамошна ескалација и нивно проширување на пошироко подрачје. За таа цел, продолжуваме со интензивни контакти со релевантните страни. Овој тажен развој на настаните уште еднаш ја покажува важноста на визијата за две држави. Ги повикуваме страните да се откажат од употребата на сила и од понатамошно одложување, и да работат на трајно решение во согласност со оваа визија“, се истакнува во соопштението на турското МНР.
Бригадата Изедин Касам, военото крило на Хамас, во саботата наутро објави дека ја започнала операција „Aqsa Flood“ против Израел и извршила ракетни напади врз Израел од блокираниот Појас Газа, а нивните вооружени групи влегле во населбите во регионот.
Израелската војска објави дека извршила напад врз Појасот Газа со десетици борбени авиони.
Медиуите во Израел објавија дека во ракетните напади врз Израел загинале 300, а повредени се 1.100 лица.
Во израелските напади на блокираниот Појас Газа загинаа 256 од кои 20 деца, а повредени се 1.697 лица, соопшти во саботата Министерството за здравство во Газа.