Туркије го ограничи извозот на одредени производи во Израел додека не се постигне прекин на огнот и не се дозволи „доволен и непрекинат доток“ на хуманитарна помош во Појасот Газа, соопшти турското Министерство за трговија.
„Израел продолжува флагрантно да го крши меѓународното право и да ги игнорира многубројните повици на меѓународната заедница за прекин на огнот и непрекината хуманитарна помош“, соопшти Министерството.
Оттаму се наведува дека резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), Генералното собрание и Советот за човекови права заедно со привремените одлуки од 26 јануари и 28 март од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг „го обврзаа Израел да постигне прекин на огнот“.
Турското Министерство соопшти дека Тел Авив мора „во целосна соработка со ОН да дозволи континуирано обезбедување основна хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа, вклучително и медицински материјали и здравствени услуги што им се потребни“.
„Туркије одлучи од денес да го ограничи извозот на одредени производи во Израел како прв чекор. Барањата од оваа одлука веднаш ќе бидат имплементирани“, наведе Министерството.
Ограничувањето, соопшти Министерството, се однесува на неколку вида производи од алуминиум и челик, бои, електрични кабли, градежни материјали, гориво и други материјали.
„Оваа одлука ќе остане во сила додека Израел, во рамките на своите обврски што произлегуваат од меѓународното право, не прогласи итен прекин на огнот во Газа и не овозможи доволен и непречен проток на хуманитарна помош во Појасот Газа“, соопшти турското Министерство.
Се нагласува дека Туркије веќе подолго време „не дозволува продажба на каков било производ или услуга што може да се користи за воени цели на Израел“.
„Во рамките на тешката ситуација во Појасот Газа нашиот повик до сите членки на меѓународната заедница е да го направат својот дел за да се осигури дека Израел ги почитува своите обврски што произлегуваат од меѓународното право“, повтори Министерството.
Оттаму порачаа дека како држава и народ Република Туркије ќе продолжи да стои покрај Палестина и да ги поддржува и неа и нејзиниот народ, како што е правено и досега.
Во нападите што ги започна Израел на 7 октомври врз Појасот Газа загинаа најмалку 33.207 Палестинци, а 75.933 се повредени.
Израел, исто така, воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Според податоците на Обединетите нации, војната во Израел принуди 85 отсто од населението во Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.