Туркије го осуди упадот на израелскиот министер и доселениците во „Ал Акса“ / Photo: AA

Туркије остро го осуди упадот во џамијата „Ал Акса“ од страна на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и доселениците од крајната десница.

„Ги повикуваме израелските власти на сериозен начин да ги преземат неопходните мерки за да ги ограничат овие провокации што ги нарушуваат светоста на џамијата 'Ал Акса' и нејзиниот историски статус заснован врз меѓународното право и да спречат ескалирање на тензиите“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во текот на вчерашниот ден екстремно десничарски еврејски доселеници упаднаа во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим), соопшти претставник на исламскиот вакуф во Кудс.

Над 340 доселеници влегоа во подрачјето на џамијата под заштита на израелската полиција.

За муслиманите „Ал Акса“ претставува трето најсвето место во светот. Оваа област Евреите ја нарекуваат Планина на храмот, верувајќи дека тоа е местото на два еврејски храма од древно време.

Израел го окупира Источен Кудс, каде што се наоѓа „Ал Акса“, во текот на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.

Израелските сили и радикалните еврејски доселеници често вршат упади во џамијата „Ал Акса“, со цел провоцирање на Палестинците, а во последните години упадите стануваат сѐ поголеми и подрски.

Туркије силно го поддржува дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, вклучително и формирањето палестинска држава со Источен Ерусалим (Источен Кудс) како главен град.

TRT Balkan / агенции
Популарни