Туркије ја поздрави резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се повикува на реевалуација на кандидатурата на Палестина за членство во ОН и доделување дополнителни права.
„Ја поздравуваме резолуцијата на Генералното собрание на ОН за проширување на правата и привилегиите на Палестина во Обединетите нации“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Според турското МНР, споменатата резолуција ја потврдува поддршката на меѓународната заедница за палестинскиот народ и решението за две држави.
„Оваа резолуција ја потврдува силната поддршка на огромното мнозинство на меѓународната заедница за правото на палестинскиот народ на сопствена држава и за решението со две држави. Ја користиме оваа прилика да ја повикаме целата меѓународна заедница да преземе конкретни чекори за запирање на израелските злосторства во Газа и за признавање на државата Палестина“, се нагласува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Туркије.
Генералното собрание на ОН подоцна во текот на денот со големо мнозинство ја одобри резолуцијата со која се повикува на реевалуација на кандидатурата на Палестина за членство во ОН и доделување дополнителни права.
Резолуцијата, која беше предводена од Обединетите Арапски Емирати во име на Арапската група, беше усвоена со огромен консензус со 143 земји-членки кои гласаа за, 9 против и 25 воздржани. Коспонзорирана од Туркије заедно со речиси 80 земји-членки, резолуцијата изрази „длабоко жалење и загриженост“ поради американското вето во Советот за безбедност на ОН на 18 април.