Туркије и Алжир основаат заедничка компанија за истражување на нафта и гас / Фото: AA

Туркије и Алжир ќе основаат заедничка компанија за истражување на нафта и природен гас што ќе работи во земјите од регионот, особено во Алжир, соопшти турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез.

Двете земји постигнаа договор за формирање заедничка компанија меѓу „Сонатрах“, националната компанија за нафта и гас на Алжир, и „Туркиш петролеум“, изјави Донмез.

Донмез, кој присуствуваше на 2. Алжирска инвестициска конференција како почесен гостин, разговараше за новите билатерални чекори на полето на енергетиката и рударството со неговиот алжирски колега, министерот за енергетика и рударство, Мухамед Аркаб.

Двајцата министри се согласија да ја поттикнат и поддржат заедничката работа и заедничките чекори на двете земји, како и за формирањето на новата компанија.

Минатата година, Алжир и Туркије започнаа заеднички проект на полето на петрохемијата, во рамките на кој беше основана петрохемиска фабрика во јужниот турски град Адана.

Проектот беше започнат во октомври 2021 година со партнерство на холдингот „Ронесанс“ од Туркије и „Сонатрах“.

Околу 90 отсто од извозот на Алжир во Туркије се состои од енергетски материјали, меѓу кои и течен природен гас (ТПГ), течен нафтен гас (ТНГ), сурова нафта и природен гас.

Земјите имаат големи трговски можности

Обемот на трговска размена меѓу Туркије и Алжир, кој минатата година изнесуваше околу 4 милијарди долари, до крајот на оваа година ќе достигне 5 милијарди долари.

„Врз основа на претседателската уредба издадена во мај за време на посетата на алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне на Туркије, постои цел за додатно зголемување на обемот на 10 милијарди долари што е можно поскоро“, истакна министерот Донмез.

Тој, исто така, оствари средба и со алжирскиот претседател Тебуне за разговори за зголемување на трговските односи. Во Алжир работат околу 1.500 турски компании, а Донмез истакна дека има потенцијал за пораст на нивниот број.

„Се спроведуваат заеднички активности не само на полето на економијата туку и во полето на културата и политиката, а особено во одбранбената индустрија. Ќе ја продолжиме нашата работа во согласност со визијата претставена од двајцата лидери [Ердоган и Тебуне]“, додаде Донмез.

TRT Balkan / агенции
Популарни