По Состанокот за безбедносен механизам меѓу Туркије и Ирак објавена е заедничка завршна Декларација во која се нагласува дека терористичката организација ПКК претставува закана за двете земји, при што двете страни се консултираа за мерките што треба да се преземат против оваа организација и нејзините ограноци што како цел ја имаат Туркије користејќи ја ирачката територија, јавува Анадолу.
Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Ирак, Фуад Хусеин, се состанаа во Багдад со своите делегации.
Во заедничката завршна Декларација објавена по Состанокот за безбедносниот механизам на Туркије и Ирак е наведено дека на средбата, која е продолжение на разговорите одржани во Анкара на 19 декември 2023 година, разгледани се заедничките ставови за регионалните случувања и различните предизвици во билатералните подрачја.
На состанокот е разговарано и за подготовките за посетата на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, на Ирак по месецот на постот Рамазан и се истакнува дека двете страни потврдиле дека ќе сторат сѐ за успех на оваа историска посета.
Одлучено е да се воспостават Заеднички постојани комитети меѓу Туркије и Ирак, кои ќе работат исклучително во областите на борбата против тероризмот, трговијата, земјоделието, енергетиката, водостопанството, здравството и транспортот.
Во Декларацијата е нагласена важноста што двете страни му ја даваат на политичкото единство, суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак, при што е истакнато и дека ПКК претставува безбедносна закана за Туркије и Ирак, а присуството на споменатата организација на територијата на Ирак претставува кршење на ирачкиот Устав.
Туркије ја поздрави одлуката на ирачкиот Совет за национална безбедност дека ПКК е забранета организација во Ирак. Се нагласува двете страни се консултирале околу мерките што треба да се преземат против организацијата и нејзините ограноци што како цел ја имаат Туркије користејќи ја ирачката територија.
Констатирано е дека двете земји размениле мислење за прашањата поврзани со регионот, особено за геноцидниот масакр во Газа. Притоа е потврдена нивната силна волја да се поддржи палестинското прашање.
На безбедносниот состанок меѓу Туркије и Ирак, кој се одржа во декември 2023 година, Ирак првпат ја дефинираше ПКК како терористичка закана, а овој пат и како забранета организација.
Покрај тоа, одлуката на Советот за национална безбедност првпат ѝ е претставена на јавноста, првпат е спомената заедничката борба и нагласено е дека ПКК ја користи ирачката територија за напади на Туркије.