Дрвените хипостилни џамии на средновековна Анадолија, се додадени во пописот на светското наследство на УНЕСКО, со што, бројката на локалитети во Туркије впишани во листата на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура зголемена е на 21, соопшти вчера турското Министерство за надворешни работи.
„Номинацијата на дрвените хипостилни џамии на средновековна Анадолија е впишана во пописот на светското наследство на УНЕСКО за време на 45. проширена седница на Комитетот за светско наследство, што се одржува во Ријад, Саудиска Арабија, од 10 до 25 септември“, се наведува во соопштението.
Локалитетот се состои од пет хипостилни џамии изградени во Анадолија кон крајот на 13 и средината на 14 век, од кои секоја се наоѓа во друг турски регион.
Меѓу локалитетите се Големата џамија во турската западна област Афјон, Големата џамија Сиврихисар во централната област Ескишехир, џамијата Ахи Шерафетин во главниот град Анкара, џамијата Ешрефоглу во местото Бејшехир, во областа Конја, и џамијата Махмут Беј во северната област Кастамону.
„Необичниот структурен систем на џамиите го комбинира надворешниот дел на зградата изработен од ѕид со повеќе редови на дрвени внатрешни столбови (хипостил) кои го држат рамниот дрвен плафон и кровот. Овие џамии се познати по вештото резбарење и рачната изработка што се користат во нивните структури, архитектонски елементи и мебел“, се наведува во соопштението на УНЕСКО.