Уште два турски авиони со помош за погодените од поплавите низ Пакистан синоќа тргнаа од главниот град Анкара, соопшти турското Министерството за национална одбрана.
„Раката на помош на нашата земја продолжува да стигнува до нашите браќа Пакистанци кои се погодени од поплави. Уште два авиони на Турските вооружени сили со хуманитарна помош тргнаа од аеродромот „Етимесгут“ во Анкара“, објави Министерството на социјалната мрежа Твитер.
Два други турски авиони кои превезуваа помош за погодените од поплавите низ Пакистан вчера изутрина слетаа во јужниот пристанишен град Карачи, објавија државните медиуми.
Претходно, Агенцијата за вонредни состојби на Република Туркије (АФАД) најави формирање на „воздушен мост“ за обезбедување шатори и хуманитарна помош за Пакистан, кој е зафатен од големи поплави.
„Во поплавените подрачја во првата фаза испратена е хуманитарна помош од 10.000 шатори, 50.000 пакети со храна, 50.000 хигиенски материјали и 10.000 пакети со храна за бебиња“, соопшти АФАД.
Невидени поплави предизвикани од историски обилни дождови од средината на јуни поплавија половина од земјата, а загинаа над 1.000 луѓе.
Постојаните дождови и поплави веќе уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделските површини низ целата земја, вклучувајќи десетици илјади домови, патишта и мостови, а угинаа речиси милион животни.